Заминувањето на Јирген Клоп како тренер на Ливерпул ја изненади спортската јавност ширум светот, истото се случи по неговата одлука да стане шеф на операции во Ред Бул, а сега повторно го разбранува фудбалскиот свет со своја изјава.
Имено, германскиот стручњак изјави дека можеби никогаш повеќе нема да се занимава со тренерство, но доколку некогаш реши да се врати на таа професија, тоа нема да биде во Ред Бул.
„Не ми се допаѓаат прашањата за тоа што мислам дека ќе се случи за пет години. Навистина не можам да знам, ниту мислам дека некој во оваа соба може. Само знам дека моите мисли не се во насока на тренерска работа“, рече Јирген Клоп на прес-конференција и додаде: „Не знам, можеби еден ден ќе се предомислам и ќе се вратам на клупата. Но, едно е 100 проценти сигурно – дури и да почнам да тренирам некого, тоа сигурно нема да биде ниту еден клуб Ред Бул. Може да го кажам тоа со сигурност“.
За потсетување, фудбалската империја на Ред Бул вклучува четири клуба: Лајпциг, Салцбург, Њујорк и Брагантино.