Повторно одложено судењето за тетовската модуларна болница

од Nikola Popovski
19 прегледи

По четврти пат се одложи повтореното судење по пожарот во тетовската модуларна болница откако такво решение донесе Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април 2024 година, а по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Како и на 5 ноември 2024 и денес рочиштето се одложи поради отсуство на судијата Јордан Велковски, кој е на боледување.

Судијката која го заменуваше го закажа почетокот на судењето за 18 март 2025 година во 10 часот.

Во Основен суд Тетово се водеше судски процес во текот на 2022 и 2023 година, а со решение на Апелациски суд во 2024 година требаше да почне и повторено судење за дел од обвинетите.

Првата беше условна пресуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.

Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
По жалба на обвинителството Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка.

Во првостепената пресуда за директорите беше изречена казна затвор од по една година и шест месеци која нема да се изврши доколку обвинетите во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.

Во меѓувреме Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави сторија со која ги откри недоследностите при креирањето на обвинителниот акт и вештачењата за причината за пожарот.

Во време на пожарот Министер за здравство беше актуелниот лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој веднаш по настанот си даде оставка од морални причини, но тогашниот премиер Зоран Заев не ја прифати.

На 8 септември 2023 година на двегодишнината беше одржан јавен марш и протест пред судот во Тетово во организација на семејствата на 14 луѓе кои ги изгубија животите во пожарот во тетовската модуларна. Семејствата организираа јавен марш и протест и на 15 септември 2023 година и во Скопје. Протестниот марш почна на плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство.

Слични содржини