Бајден: Постигнат е договор меѓу Израел и Хамас, заложниците се враќаат дома

од Milan1
8 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека Израел и Хамас денеска постигнале договор за прекин на огнот, објави вечерва Белата куќа, а изјавата ја пренесе и амбасадата на САД во Ерусалим.

„Денес, по повеќемесечна интензивна дипломатија од страна на Соединетите држави, заедно со Египет и Катар, Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот и заложниците. Овој договор ќе стави крај на борбите во Газа, ќе ја обезбеди неопходната хуманитарна помош за палестинските цивили, а заложниците повторно ќе бидат со нивните семејства по повеќе од 15 месеци во заробеништво“, изјави Бајден.

Американскиот претседател во заминување посочува дека „прецизните контури“ на тој план ги изнел на 31 мај минатата годинава и дека потоа бил едногласно одобрен од Советот за безбедност.

„Ова е резултат не само на екстремниот притисок под кој беше Хамас и слабеењето на Иран, туку и на упорната и макотрпна американска дипломатија. Мојата дипломатија никогаш не запре во напорите да го постигнеме ова“, изјави Бајден.

Додека ја поздравуваме ова вест, додаде американскиот претседател, „се сеќаваме на сите семејства чии најблиски беа убиени во нападот на Хамас на 7 октомври и на многуте невини луѓе убиени во војната што следеше“.

Слични содржини