Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако денеска таа побара во рамки на 30 седница да ја образложи својата неотповиклива оставка по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок. Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала.
Даути, образложувајќи ја оставката, посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието.
-Моето дејствие за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3, кој подразбира дополнителни услови како да дејствуваат институциите. Нема да прифатам различни услови на дејствување надвор од Деловникот. Избирам да дејствувам слободно, без условувања и да ги заштитам вредностите на демократијата и слободата. Така дејствував и кога го донесовме Законот за државјанство, кога искористувајќи ги сите механизми, го одблокиравме и донесовме законот, рече Даути.
Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група Левица. Собранието констатираше дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата тогаш не присуствуваа пратениците на СДСМ.
Пред да добие 15 минути за да ја објасни оставката, пратеничката почна да зборува, но спикерот Африм Гаши не ѝ дозволи, како што рече, да го крши Деловникот на Собранието. Еве што претходеше на нејзиниот говор:
-Не можете да ме држите со сила, господине Гаши. Ќутете таму, господине Мицевски. Вие само можете да слушате. Научете да го почитувате Деловникот и законите. Ќе се слушне мојот глас и моето образложение. Срам да ви е, се обрати пратеничката.
-Јас не сум ваша Никола Мицевски, ниту на Апасиев ниту на ЗНАМ ниту на Гаши. Го барам потребното време од 15 минути за да ја објаснам мојата постапка. Сега јас имам збор, рече Даути во кавгата со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.