УПОЗ поднесе формално барање за средба со Мицкоски, размислуваат за штрајк и тужби до државата

од Nikola Popovski
42 прегледи

Вработените од повеќе министерства и државни институции денеска повторно протестираа, барајќи додаток на нивните плати во вредност од 30%. За разлика од претходните денови, денеска дел од јавната администрација се појави пред зградата на Министерството за финансии во центарот на Скопје.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) обвини дека изминативе денови се изнаслушале декларативни соопштенија од „Илинденска бр.2“ преку кои „Владата не канеше на средби преку вас медиумите, а ние формално не добивме покана за продолжување на дијалогот“.  Трпе Деаноски од УПОЗ информира дека поднеле формално барање за средба со премиерот Христијан Мицкоски, преку која бараат повторно продолжување на дијалогот, со цел да дојде до зголемување на додатокот на платата на вработените.

-Вработените очекуваат Владата да покаже разбирање и да ја прифати подадената рака. Во спротивно, ќе бидеме приморани повторно да ги активираме протестите и да ги искористиме сите законски можности за изразување на незадоволството до остварување на нивните права, рече Деаноски на протестот.

УПОЗ предупреди дека ќе дадат шанса за продолжување на дијалогот, а доколку не се случи тоа, се размислува за штрајк и за тужби до државата.

Дел од вработените во јавната администрација во изјава за медиумите истакнаа дека заслужуваат достоинствени услови за живот. Не прифаќаат дискриминација и ќе продолжат да се борат за она што го заслужуваат.

Слични содржини