Alpina се приклучи на BMW Group на почетокот на 2022 година и работи на целосно нова моделска линија планирана за втората половина на деценијата. Тоа значи дека претходниот договор меѓу двете марки истекува на крајот на оваа година и дека има време за уште еден специјален автомобил од „старата гарда“.
Оваа улога ја доби Alpina B8 GT, најмоќниот сериски автомобил некогаш произведен од оваа специјална марка со седиште во Buchloe.
Alpina B8 GT има моќен твин-турбо, 4,4-литарски V8 мотор кој е специјално дотеран да испорачува 625 коњски сили и дури 850 Nm вртежен момент. Тоа е зголемување од 12 КС и 50 Nm во споредба со Alpina B8. Во исто време, тоа е само една коњска сила помалку од најмоќниот автомобил на BMW само со бензин, M5 CS со 626 КС. Сепак, Alpina B8 GT има дополнителни 100 Nm повеќе во споредба со моќниот M5.
B8 GT е вистинска луксузна ракета на тркала, на која му се потребни само 3,3 секунди за да достигне 100 km/h, додека спринтот од 0 до 200 km/h трае само 10,5 секунди. Овој луксузен седан лесно достигнува максимална брзина од 330 km/h. Alpina дополнително го подеси осум-брзинскиот автоматски менувач развиен од ZF за да се справи со дополнителниот вртежен момент што доаѓа од моќниот V8 мотор.
За разлика од BMW M8 Gran Coupe, кој користи соодветен мотор М, со кодно име S63, Alpina B8 GT има нормална верзија N63, така што има повеќе заедничко со моделот M850i отколку со M8. Секако, тоа е поентата, а како и кај другите модели на Alpina, идејата зад B8 GT не е да доминира на патеката како што треба да прават моделите на BMW M, туку исклучително брзо и удобно да ги „голта“ километрите на „автопатот“.
Производството е ограничено на 99 примероци, но само 20 автомобили ќе бидат понудени со двобојна каросерија која комбинира сина или зелена со црна боја. Сите автомобили добиваат суптилни аеродинамички додатоци од јаглеродни влакна, вклучително и поистакнат заден дифузор. Препознатливите класични ковани тркала на Alpina со дијаметар од 21 инчи се обложени со гуми Pirelli P Zero. Покрај специјалните значки, B8 GT има и целосна кожна внатрешност со дрвени облоги.
Промените се заокружени со метална влошка во држачот за чаши со потпис на Буркард Бовенсипен, основачот на Alpina кој почина во октомври 2023 година на 87-годишна возраст.
Во Германија B8 GT чини 225.000 евра, а ако сакате двобојна каросерија треба да платите дополнителни 11.150 евра. Сепак, во цената е вклучен и комплет патни торби Alpina за викенд и соодветен швајцарски часовник.