Претставници на полското Министерство за надворешни работи наскоро ќе допатуваат во Софија, каде меѓу другото ќе се разговара и за состојбата со евроинтеграциите на Македонија, вели вршителот на должноста амбасадор на Полска во земјава, Мариуш Бримора.
Според него, проширувањето со земјите од Западен Балкан е дел од приоритетите на полското претседавање со ЕУ, но тој е скептичен околу желбите за измени на Уставот кои би стапиле во сила откако Македонија ќе стане членка на ЕУ.
„Ќорсокакот (во кој се наоѓа процесот на европска интеграција на Македонија) е стопроцентно билатерално прашање и како таков мора да се реши од инволвираните страни. Она што можеме да го направиме, мислам на другите членки на ЕУ, е да поддржиме решение кое е насочено кон постигнување компромис на кој било меѓународен форум или на ниво на ЕУ и дефинитивно ќе го поддржиме таквото решение. Но, на вас е да почнете да разговарате и да се договорите за компромис (со Бугарија). Понатаму, според мене, а јас зборувам врз основа на полското искуство, има уште еден фактор кој е многу важен, а тоа е помирувањето. Лично, верувам дека треба да се започне со процес на помирување со Бугарите, бидејќи, колку што знам, проблемот што го блокира напредокот во проширувањето на ЕУ е дел од многу поширок и многу подолг историски спор. Полјаците од сопственото искуство во помирувањето со Германците тоа многу добро го знаат и се подготвени да го споделат ова искуство…“, вели меѓу другото Бримора во интервјуто за „360 степени“, емитувано на МРТ1.
Според него, и покрај тврдењата на „некои владини сојузници“ во Скопје дека Бугарија би можела да ги прифати уставните измени кои би стапиле на сила откако Македонија ќе ги заврши преговорите, „нема индикации дека Брисел или Бугарија ќе го сменат својот став“.