Премиерот Христијан Мицкоски информира дека во Вашингтон имал вечера и одлична средба со Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на американскиот претседател Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов – американски бизнисмен со македонско потекло, сопственик на повеќе мултимилионски компани, Марко Галина бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија и Крис Павловски сопственик на Рамбл групацијата.
Според премиерот, се разговарало за можноста за инвестиции во Македонија, како и за конкретни проекти од бенефит за граѓаните.
-Меѓу другото ги посочив напорите кои Владата ги дава за стабилизирање на економијата, рекордот кој го остваривме во привлекување на инвестиции во државата и поволностите кои се нудат. Воедно ја искористив можноста за лобирање за македонските интереси и позиции во однос на клучните прашања за нас. Станува збор за високо позиционирани луѓе во американското општество со можност за влијание на прашањата важни за нас, стои во објавата на Мицкоски.
Претседателот на македонската влада ќе присуствува на денешната инаугурација на новоизбраниот американски претседател. Дека ја добил поканата за присуство беше објавено уште претходно, во текот на месецов.
-Премиерот доби покана. Тоа е огромна и ретка работа, од регионот веројатно е единствениот што ќе присустува. Нешто што многу говори, покрај државата, и за него лично како е доживеан и како е ценет во најсилната држава во светот. Тоа е огромна чест и за нешто што сум убеден дека премиерот ќе го искористи во најдобро светло да ја претстави Македонија и да ги презентира македонските национални интереси што на крајот на денот, ќе значи бенефит за сите нас, рече неодамна вицепремиерот Александар Николоски.
Во петокот, бугарскиот медиум „Лупа“ објави дека американската ПР компанија „Дашл груп“, со која ВМРО-ДПМНЕ имаат официјален договор од 2015 година, го поканила Мицкоски во Вашингтон, а не новоизбраниот американски претседател.
„Посетата на македонскиот премиер е од приватен карактер. Затоа, тој нема да присуствува на официјалната церемонија на инаугурација на Трамп. Тој ќе биде приватно лице во широкиот круг на присутни, во кој ќе има новинари од Бугарија и јавни личности од целиот свет“, велат од овој бугарски медиум.
Официјалните претставници на САД правеа планови на церемонијата на положување заклетва да присуствуваат повеќе странски државници. Упатена беше покана и до кинескиот претседател Си Џинпинг, но, сепак нема да пристигне. Американскиот претседател во заминување, Џозеф Бајден ќе присуствува на церемонијата на инаугурација на неговиот претходник и наследник, соопшти Белата куќа.