„Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones!“ – за почеток на новата сезона на Националниот џез оркестар

од Aneta Risteska
26 прегледи

Националниот џез оркестар ја отвора новата концертна сезона со спектакуларен настан – „Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones!“, кој ќе се одржи на 24 јануари, (петок), во 20 часот во Филхармонија.

„Концертот го покрива значајниот биг-бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивни неиздадени аранжмани; негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжмани на композиции од подоцнежниот поп период кога Квинси доминира како аранжер и продуцент“, велат од Националниот џез оркестар.

На сцената ќе настапат солистите Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ Дексо, Сашо Гигов Гиш и Џон Илија Апелгрен, под диригентската палка на маестро Владимир Николов.

Плакатот за концертот го краси графиката „Шарен џезер“ од академскиот сликар Сергеј Андреевски, дел од циклусот „Џезери“, што ќе биде почеток на визуелна традиција за годинешните настани на оркестарот.

„Quintessence by Quincy Jones е уште една џез лектира која не смее да остане непрочитана! Квинси Џонс е легендарна фигура од музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хип хоп. Добитник на безброј признанија, вклучувајќи и вкупно 80 Греми номинации, рекорд на сите времиња, од кои освоени 28“, нагласуваат од оркестарот.

Меѓу неговите најзначајни достигнувања е продукцијата на три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон – „Off the Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987), како и хуманитарната песна „We Are the World“ од 1985 година, која собра средства за жртвите од глад во Етиопија.

Слични содржини