Апасиев: Зошто само на албански да му се издава уверение на некој кој полага за лиценца во градинките?

од Nikola Popovski
88 прегледи

Ова не е наивен закон. Левица е позната по своите преседани, но за разлика од владејачкото мнозинство, Левица прави позитивни преседани. Првиот беше со разрешувањето на Илире Даути, а вториот што вашата претседателката која повеќе е министер за култура и верски поглавар, отколку што е претседателка – го послуша апелот на Левица и стави суспензивно вето на овој Закон, за прв пат, изјави пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев од собраниската говорница во однос на Законот за двојазични лиценци во градинките којшто по ветото на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Владата повторно го пушти во собраниска процедура.

Апасиев истакна дека ВМРО-ДПМНЕ прави „шверцерат во Собранието како во времето на екс-спикерот Талат Џафери“.

-Овој шверцерски Закон е донесен пред Нова година, мислејќи дека наивно, луѓето ќе се разбегаат по празници и дека нема ништо да се сети. Потоа, откако Левица ја повика Претседателката да стави вето – таа стави вето.

За потсетување, овој Закон за заштита на деца, го шверцавте во ненадлежна Комисија за енергетика, зашто таму има ‘еден’ којшто шверца како Артан Груби во Комисија за европски прашања што шверцаше. Зошто само на албански да му се издава уверение на некој кој полага за лиценца?! Зошто не и на турски, ромски или српски?! Ние не сме бинационална држава! Ако сме мултиетничка, ќе биде на сите, а не само на два јазика. Вие, почитувани вмровци, ја спроведувате Тиранската платформа која што ДУИ и вашиот необалистички коалиционен партнер ВРЕДИ, си ја потпишаа на баци-рака кај Еди Рама, потенцираше претседателот на Левица, таксативно набројувајќи ги точките од „Тиранската платформа“.

Пратеничката група од Левица има поднесено неколку амандмани по коишто се расправа на денешната собраниска седница.

Во образложението на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова се наведува дека законските измени содржат повеќе спорни одредби и дека по спроведена темелна анализа и експертски консултации бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.

-Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот, пишува во документот.

Претседателката наведува дека посочените членови од Законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот Закон за употреба на јазиците.

Слични содржини