За првпат од 2016 година: САД ја престигна Кина и стана главен трговски партнер на Германија

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Соединетите Американски Држави станаа главен трговски партнер на Германија минатата година, претекнувајќи ја Кина, објави денеска Германската агенција за трговија и инвестиции (GTAI). Трговската размена меѓу Германија и САД минатата година достигна 255 милијарди евра, што претставува годишен пораст од 0,8 отсто.

Спротивно на тоа, трговската размена меѓу Германија и Кина во истиот период е намалена за 2,9 отсто на 247 милијарди евра. Ова е прв пат од 2016 година Кина да не е најголемиот трговски партнер на Германија. Како што се наведува, Германија сега најмногу извезува во САД, потоа Франција, Холандија и Полска, додека Кина, која порано беше на прво место, сега е на петто место.

Додека Германија продолжува да увезува повеќе од Кина од која било друга земја, таа сега најмногу извезува во САД, а потоа следат Франција, Холандија, Полска, а потоа Кина. Неодамна во 2022 година, германската трговска размена со Кина изнесуваше речиси 300 милијарди евра.

Намалувањето на уделот на германскиот извоз во Кина ги одразува и економските предизвици во азиската земја и долгорочното зајакнување на американско-германските економски врски. Дополнително, тој ја нагласува промената на приоритетите во рамките на најголемата европска економија, се додава во извештајот. Германија е фокусирана на економската диверзификација и отпорност и сака да избегне прекумерна зависност од кој било трговски партнер, коментира извршниот директор на GTAI, Роберт Херман на веб-страницата на организацијата.

– Германија е фокусирана на економската диверзификација и отпорност. Сега го следи она што се нарекува стратегија „Кина плус Х“ за да избегне да стане претерано зависна од кој било трговски партнер. Додека Германија останува посветена на економскиот интернационализам, таа се грижи и за сопствените потреби, создавајќи дополнителна предност за компаниите кои се прошируваат на германскиот пазар – изјави Роберт Херман, извршен директор на Германската трговија и инвест.

По неколку години кога Кина беше главен трговски партнер на Германија, податоците покажуваат дека САД тивко го заземаа првото место во последниве години. Гледајќи ги податоците од минатата година, комбинираниот извоз и увоз меѓу Германија и САД изнесува 63 милијарди евра (68 милијарди долари) помеѓу јануари и март. Во меѓувреме, трговската размена меѓу Германија и Кина достигна нешто помалку од 60 милијарди евра.

– Оваа промена е резултат на неколку фактори: силниот раст во САД ја зголеми побарувачката за германски производи. Во исто време, одвојувањето од Кина, послабата домашна побарувачка во Кина и можноста за производство на стоки претходно увезени од Германија (главно автомобили) го намалија германскиот извоз во Кина, изјави Карстен Брзески, глобален шеф за макро истражување во ING Research.

Холгер Шмидинг, главен економист во Беренберг банка, претходно истакна дека САД, исто така, долго време се поголем пазар за германскиот извоз од Кина, и додека американскиот удел во германскиот извоз расте во последниве години, кинескиот се намалува, истакна тој.

– Кинеската економија попушта, а германските компании се соочуваат со посилна конкуренција од субвенционираните кинески фирми – рече Шмидинг, додавајќи дека клучната разлика е во тоа што САД сега стануваат поважни кога станува збор за увозот.

Кина треба да остане партнер за Германија, нагласи германската влада, и не треба да има разделба, но системското ривалство сè повеќе го карактеризира односот меѓу двете.

Тензиите се зголемија и меѓу Европската унија и Кина, при што двете започнаа истраги за меѓусебните трговски практики и се заканија дека ќе воведат царини за увоз. Истражувањето на германскиот економски институт Ifo покажа дека бројот на компании кои велат дека зависат од Кина паднал од 46 отсто во февруари 2022 година на 37 отсто во февруари 2024 година.

„Фактот што САД станаа најголем трговски партнер на Германија навистина ги илустрира променливите трговски обрасци и постепеното одвојување од Кина“, рече Берзески.

Слични содржини