Во Јуроп хаус во Скопје, утре, (23 јануари), со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоцијата на романот „Еуфорија“ од шведската авторка Елин Кулхед. Преводот на оваа фикционална биографија за Силвија Плат е дело на Катерина Јосифоска, а настанот ќе го модерира професорката и преведувачка Калина Малеска, која истовремено ќе разговара со авторката.
- Освен што ќе слушнете извадоци од романот, тој ќе биде разгледан од повеќе аспекти: видувањето на Кулхед за пишувањето фикционална биографија и како е да се позајмува гласот на друга авторка, соопштуваат од издавачката куќа „Илика“.
„Еуфорија“ е прониклив приказ на последната година од животот на Силвија Плат, поетесата чие творештво ја обележа светската книжевна сцена, пред нејзиното трагично самоубиство во 1963 година. Книгата обработува теми како разорна љубов, мајчинството, неверството, и справувањето со сопствените демони, додека ја истакнува мистичноста на креативниот чин што ја раѓа поезијата, велат од „Илика“.
Елин Кулхед, родена во Упсала во 1983 година, е позната шведска писателка и новинарка. На книжевната сцена дебитирала со детски книги, а нејзиниот прв роман за возрасни, „Еуфорија“, објавен во 2021 година, ја доби престижната награда „Август“.
На 24 јануари, петок, со почеток во 18 часот, љубителите на литературата ќе имаат можност во понеформална атмосфера да ја запознаат авторката во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.
Заинтересираните може да испратат неформална пријава на [email protected].
Дизајнот на постерот за промоцијата е дело на Ема Велковска и Марија Смилевска.