Проширувањето на Европската унија е процес заснован на заслуги, а не на временска рамка, изјави денеска европската комесарка за проширување Марта Кос na дискусијата „Enlarge to Prosper: Will Europe Grow?“ на Светскиот економски форум во Давос.
„Знаете, понекогаш слушам, земјите од Западен Балкан, тие чекаат толку долго. Не се работи за тоа колку долго чекаат. Прашање е на нивната политичка волја и колку се во состојба да исполнат“, посочила Кос.
Според неа, ЕУ внимателно следи што се случува во земјите-кандидати за членство и тие се генерално обврзани да исполнат одредени услови, според принципот „земи или остави“.
Таа ја истакна важноста на владеењето на правото за земјите кои сакаат да се приклучат на Европската унија.
Говорејќи за Украина, Кос исто така изјави дека е за првпат ЕУ да преговара со земја во војна, што таа го оцени како напорна работа која бара работата да се заврши два до три пати побрзо од вообичаениот процес.
Ако го споредиме процесот со оној на С.Македонија, која е земја-кандидат, објасни Кос, ако работите се одвиваат со таа брзина, Украина ќе стане членка на ЕУ во 2045 година.
Таа посочи и дека процесот на пристапување во ЕУ е трансформативен процес во кој преку постепена интеграција им се овозможува на кандидатите да бидат дел од единствениот пазар.
-Денеска е поинаку, кога Словенија и Хрватска станаа дел од ЕУ, не се зборуваше за мир и слобода, а сега во овој круг на пристапување се чини дека се враќаме на основите, на корените поради кои е формирана ЕУ, оцени Кос.
Пред повеќе од 20 години, Македонија го поднесе барањето за членство во ЕУ. Од тогаш државата постојано беше во „чекалната“. Сепак дури по 19 години од добивањето на кандидатскиот статус, земјата во 2022 година ја почна првата фаза од пристапните преговори со Унијата, после прифаќањето на францускиот предлог, кој е наша нова Преговарачка рамка. Сепак, за да се продолжи со Втората меѓувладина конференција со ЕУ, потребни се уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот што е клучен услов.