Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски попладнево објави дека од Меѓународниот аеродром Скопје се воведуваат уште две нови авиолинии и тоа Скопје -Женева и Скопје-Париз (аеродром Орли). Според Николоски, овие две дестинации се воведуваат на барање на дијаспората а ќе ги оперира авиокомпанијата „Изиџет“, со тоа што линијата Скопје-Париз ќе започне да се оперира од 2 април, додека линијата Скопје-Женева од 3 ноември, оваа година.
Овие две дестинации се дел од финансиската подршка што ја овозможува Владата преку Министерството за транспорт, а се во рамките на отворениот јавен повик за подршка за воведување на нови авиолинии.
„Ова е уште една одлична вест за граѓаните, за авиосообраќајот и за државата. Ова е резултат на добрите политики што ги спроведуваме во делот на авиосообраќајот. Париз и Женева се две атрактивни дестинации за граѓаните. Верувам дека ќе поттикнеме и други авиокомпании да се јават на повикот, со некои и веќе преговараме и очекувам воведување и на други дестинации од домашните аеродорми. Имаме потенцијал, имаме капацитет и верувам дека повторно ќе ја зголемиме конкурентноста на аеродормите во регионот. Дополнително на граѓаните им овозможуваме нови дестинации, а на нашите од дијаспората олеснување во комунакцаијата со своите блиски овде во Македонија. Развојот на авиосообраќајот е дел од владините приоритети и еве се потврдуваат нашите напори и овој сегмент да го развивавме“, истакна вицепремиерот и министер за транспорт.
Лани во октомври беше објавено дека четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгарт-Скопје.
На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно.
„Трансавиа“, која е нискобуџетна авиокомпанија и која нуди патувања низ Европа по пристапни цени, ќе почне да лета од Амстердам до Скопје на 2 март 2025 година.
Во моментов, на скопскиот аеродром во лето оперираат 47 дестинации, а на охридскиот осум, додека, во зимскиот период 38 од скопски и четири од охридски аеродром.
„Визер“ е авионската компанија задолжена за новите летови за Штутгард, Базел, Барселона и Лион. Флај Дубаи за Дубаи и Туркиш Ерлајнс за Истанбул.