СДСМ ја повтори својата претходна теза дека премиерот Христијан Мицкоски не присуствувал на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ниту добил директна порака од претседателот, туку „присуствувал на партиски митинг организиран од Републиканската партија, од каде инаугурацијата ја следел на монитор“. Според најголемата опозициска партија, премиерот користел „евтина ПР фарса на сметкa на граѓаните“.
Наместо сериозни средби со светски лидери или високи дипломати, велат од СДСМ, добивме фотографии од хотелски лобија, ракувања „на нога“ со новинари и неколку бизнисмени од кои повеќето само пред два месеци беа тука кај нас.
-Ова патување не донесе ниту еден конкретен бенефит за државата, а јавноста со право прашува: колку чини овој спектакл и што добија граѓаните за возврат, прашаа од партијата од „Бихаќка“, велејќи дека ова патување ја чини државата стотици илјади евра – средства кои можеше да се искористат за реални потреби на граѓаните.
Партијата на Венко Филипче го критикува и фактот што, како што велат, Владата се обидува ова патување да го продаде како „голем дипломатски успех“.
-Во домашните медиуми, премиерот се претставува како „единствениот политичар од Балканот“ кој добил покана за инаугурацијата на Трамп. Но, вистината е далеку од тоа – тој беше дел од толпата на митинг и не беше поканет на официјалниот настан. Дипломатијата подразбира средби, резултати и визија за државата. Мицкоски ни понуди само слики за Фејсбук, стои во партиското соопштение.
Претходно од ДУИ ги обвинија нивните политички ривали од ВЛЕН дека без покана заминале за Вашингтон. Велат дека таквата измама е направена со средства од државниот буџет.
-Претставниците на коалицијата ВАЛЕН преку невиден чин на манипулација и измама уште еднаш докажаа дека целата нивна коалиција е изградена на лаги и манипулации. Нивните јавни изјави за официјалната покана да присуствуваат на инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп беа срамна измама и грд обид да се создаде илузија за меѓународна поддршка.
Наместо достоинствено да ги застапуваат интересите на граѓаните, тие беа видени како талкаат по улиците на Вашингтон, објавувајќи гротескни фотографии на социјалните мрежи пред рекламни паноа на церемонијата и владините згради.
Оваа јавна фарса, платена со парите на даночните обврзници, е врвот на манипулацијата што го карактеризира овој политички субјект без визија, без морал и без одговорност кон граѓаните, кажаа од ДУИ. Партијата бара секој од политичари јавно да ги објави средствата потрошени од државата за оваа, како што велат, екскурзија и потоа Обвинителството да покрене целосна и непристрасна истрага за овој скандал.
Од „Илинденска бр.2“ се децидни дека Мицкоски присуствуваше на инагуруацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, а остварил средби и со истакнати личности од американскиот политички, општествен и економски живот.
Во петокот, бугарскиот медиум „Лупа“ објави дека американската ПР компанија „Дашл груп“, со која ВМРО-ДПМНЕ имаат официјален договор од 2015 година, го поканила Мицкоски во Вашингтон, а не новоизбраниот американски претседател.
„Посетата на македонскиот премиер е од приватен карактер. Затоа, тој нема да присуствува на официјалната церемонија на инаугурација на Трамп. Тој ќе биде приватно лице во широкиот круг на присутни, во кој ќе има новинари од Бугарија и јавни личности од целиот свет“, велат меѓу другото од овој бугарски медиум.