ВМРО-ДПМНЕ му замери на СДСМ бидејќи не поздрави ниту една важна средба на Мицкоски во САД

од Nikola Popovski
216 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое го критикува СДСМ бидејќи не поздравил ниту една важна средба на премиерот Христијан Мицкоски во САД. Партијата на власт уште еднаш се пофали дека Мицкоски беше единствениот лидер од Балканот во посета на САД и кој учествуваше на инагурацијата на претседателот Доналд Трамп, и тоа го искористи за да оствари бројни средби со влијателни политички претставници и успешни бизнисмени.

-Поради нивната злоба не можат да го видат, а уште помалку да го поздрават различниот и позитивен пристап на премиерот Мицкоски во водењето и претставувањето на државата, порачаа од партијата на Мицкоски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во САД се сретна со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Батли како и со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп. Мицкоски оствари средби и со Ричард Гренел, Џеси Спиро, Девин Нунез, Такер Карлсон, Марко Галина…

СДСМ повтори дека премиерот не присуствувал на инаугурацијата на американскиот претседател, ниту добил директна порака од претседателот, туку „присуствувал на партиски митинг организиран од Републиканската партија, од каде инаугурацијата ја следел на монитор“. Според најголемата опозициска партија, премиерот користел „евтина ПР фарса на сметкa на граѓаните“.

Наместо сериозни средби со светски лидери или високи дипломати, велат од СДСМ, добивме фотографии од хотелски лобија, ракувања „на нога“ со новинари и неколку бизнисмени од кои повеќето само пред два месеци беа тука кај нас.

-Ова патување не донесе ниту еден конкретен бенефит за државата, а јавноста со право прашува: колку чини овој спектакл и што добија граѓаните за возврат, прашаа од партијата од „Бихаќка“, велејќи дека ова патување ја чини државата стотици илјади евра – средства кои можеше да се искористат за реални потреби на граѓаните.

Партијата на Венко Филипче го критикува и фактот што, како што велат, Владата се обидува ова патување да го продаде како „голем дипломатски успех“.

-Во домашните медиуми, премиерот се претставува како „единствениот политичар од Балканот“ кој добил покана за инаугурацијата на Трамп. Но, вистината е далеку од тоа – тој беше дел од толпата на митинг и не беше поканет на официјалниот настан. Дипломатијата подразбира средби, резултати и визија за државата. Мицкоски ни понуди само слики за Фејсбук, стои во партиското соопштение.

Важно е врската меѓу Македонија и Македонците низ светот никогаш да не престане. Борбата за македонското прашање треба да ја водиме заедно, и дома и во светот-порака од Мицкоски на средбата со дијаспората во црквата Свети Никола во Тотова, Њу Џерси. Рече дека нема посилна потврда за македонскиот идентитет од тоа ако има повеќе македончиња, независно каде се родени и нема подобар начин потомството од мали нозе да се учи на традицијата.

Слични содржини