Луѓето на Онкологија немаат шест дена, а камоли шест месеци – порачаа од партијата на Филипче за проблемот со лековите

од Nikola Popovski
61 прегледи

Цела недела Клиниката за онкологија нема основни лекови за биолошка терапија, а луѓето во критична состојба се принудени сами да бараат начини за спас. Ова е вистинска хуманитарна катастрофа која е резултат на крајно аматерскиот и неорганизиран пристап на власта, велат од СДСМ преку соопштение.

СДСМ критикува дека „додека луѓето очајно бараат спас, министерот за здравство Арбен Таравари шета низ Вашингтон, насмеан од уши до уши, и објавува фотографии како да нема поголем проблем од тоа да прошета низ САД“.

Од партијата на Венко Филипче упатија критики и кој директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски. Го обвинуваат дека ја користи реториката – изговори.

-Вели, проблемот бил „организациски“ и ќе му требале 6 месеци за да го реши. Шест месеци?! Па луѓето немаат шест дена, камоли шест месеци! Зошто Клековски не презел ништо досега? Зошто нема регистар на пациенти? Зошто нема соодветни набавки и план? Колку човечки животи треба да бидат загрозени за оваа неспособна власт да почне да работи, прашаа од „Бихаќка“.

Вчера беше соопштено дека двата биолошки лека што недостигаат на Онкологија пациентите ќе ги добијат неделава преку донации. Другите четири ќе се набават преку измени на анекс на договорите со производителот.

„Некои од пациентите се покриени со терапија според медицината базирана на докази, кај некои оваа терапија е само дополнение па постоечката. Повеќето од пациентите не се оставени без терапија“, изјави д-р Игор Стојковски – директор на Клиниката за онкологија.

За да се стави крај на проблемите што се провлекуваат со години неопходен е регистар на болни од канцер. Така ќе се знае колку пациенти треба да примаат биолошка терапија. Од Фондот велат – не се проблем финансиите, туку Буџетот несоодветно се планирал.

„Да има јасни и транспарентни критериуми за доделување терапија бидејќи и во идеални случаи ќе нема сто посто покриеност на сите пациенти. Треба да биде јасна врската меѓу дијагнозата и терапијата и јасно следење на количините и нивното издавање, тоа е нашата потреба“, изјави Клековски. Ќе има измени на критериумите за јавни набавки, бидејќи за биолошка терапија најчесто се јавува еден производител.

На Клиниката за онкологија недостигаат шест лека, а можно е за брзо време да снема уште неколку. Пациентите бараат надлежните да најдат решение, апелираат во иднина овие лекови да бидат на позитивната листа и да се стави крај на проблемот што се провлекува со години.

Слични содржини