Промоција на збирката „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески, визуелен уметник и графички дизајнер

од Aneta Risteska
24 прегледи

Од печат излезе збирката илустрации и текстуални минијатури „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески. Официјалната промоција на збирката ќе се одржи на 5 февруари 2025 година во галеријата „Метаноја“. На настанот ќе говорат академик Влада Урошевиќ и Оливера Ќорвезироска, а промоцијата на книгата ќе биде збогатена со изложба на дигитални графики од циклусот „Метафора“.

Станува збор за уште еден спој меѓу визуелната и книжевната уметност преку кој Трпески ги поканува читателите во својот креативен универзум. Оваа книга, своевидно продолжение на неговото дебитантско дело „Метафора – поглед зад огледалата“, нуди нови психолошки длабочини и надреалистички израз.

Слично како својот претходник, „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ е збирка од илустрации и поетски минијатури, кои формираат деликатна, симбиотска врска. Во светот на Трпески, пишаниот збор и визуелната слика се впуштаат во тивок дијалог – секој надополнувајќи го другиот без отворено објаснување. Оваа интеракција ги предизвикува читателите да се движат низ слоеви од значење, вовлекувајќи ги во простор каде што свесната мисла се среќава со потсвеста и пошироко.Текстуалните минијатури, со поетски нијанси, пркосат на конвенционалната класификација. Преку римувани стихови и сложени психолошки рефлексии, тие навлегуваат во лавиринтите на човечките емоции и мисли, откривајќи вистини што длабоко резонираат со внатрешниот свет на читателот. Илустрациите, пак, поседуваат богат визуелен речник што во многу елементи потсетува на надреалистичките мајстори. Преку колаж-техниката, авторот претставува надреални хибриди – суштества што пркосат на биолошката можност и надреални пејзажи што изгледаат како да лебдат меѓу световите.
„Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ е покана да се доживеат уметноста и литературата во нивните најчисти, најпровокативни форми. Книгата наскоро ќе биде достапна за продажба во поголемите книжарници и онлајн.

„Спојувајќи го неспоивото, Марко Трпески ни покажува дека постојат тајни, неискажливи сродности меѓу нештата за кои обично сметаме дека се бескрајно оддалечени. Низ своите колажи тој докажува (уште еднаш), на еден извонредно убедлив начин, дека светот е исполнет со невидливи врски помеѓу живите суштества, предметите и појавите, и дека целината на тој свет претставува, всушност, една густа мрежа на зависности и поврзаности, која крие во себе значења што можат да се откријат само во исклучителни мигови – низ соништата или, да речеме, низ поетските или сликарските визии.“ – Влада Урошевиќ, поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач.

„Авторот скромно ги изнесува пред нас личните опсервации, не тврдејќи дека се универзално точни; за него, тоа се само сопствени (не)разбирања на она што некогаш во училиште се нарекуваше природа и општество, а денес, можеби попрецизно, светот околу нас. Но, дури и површен поглед на неговиот имагинариум ќе ве убеди во општоста на тие набљудувања, а токму тоа е карактеристика на вистинската уметност: говорејќи од себе, за себе, творецот ни соопштува нешто што го препознаваме како колективно. Алхемијата на претворањето на својата вистина во заедничка (па, ако сакате, и обратно). За да се случи ова, потребно е будно око за да ги набљудува деталите на стварноста – а потоа и креативна сила за набљудуваното да се преточи во слика метафора, во досетка што просветлува“ – Марко Шелиќ-Марчело, српски писател и музичар.

„Метафора – жито, какол и парчиња стакло е книга што на мошне креативен и отворен начин ги истражува длабочините на индивидуата, мноштвото на јас-то, на себноста. Со тоа, оваа книга всушност станува книга што ја истражува и егзистенцијата на нашето време, толку опседнато со сликите и визуелното што се чини дека тие целосно го имаат заземено просторот на нашата колективна меморија и колективна перцепција на она што нè опкружува. Оваа книга го прави тоа на моќен визуелен начин, поигрувајќи си со нашите воспоставени и закостени претстави за светот.“ – Владимир Јанковски, писател и книжевен критичар

„Оваа книга го посочува патот кон прифаќањето на трансформацијата (дали личната или општествената) како една досетлива метафора и манифестација на нашето заплеткано повеќеслојно постоење. Сепак, и покрај страста да се негира, преиспита и пресоздаде реалноста, делото на Трпески, во духот на надреализмот, кој за своја највисока цел сепак ја има љубовта, истовремено ги слави животот и уметноста.“ – Филипа Сара Попова, книжевничка и поетеса.

Марко Трпески (1990, Скопје) е визуелен уметник и графички дизајнер со посебен фокус на книжевната илустрација. Добитник е на неколку награди за најдобар дизајн на корица на книга. Предавач е во областа на дигиталната илустрација, основач на креативното студио „Метафора“ и еден од основачите на неформалниот колектив за колаж „Скопје колаж колектив“. За себе вели дека е хобистички трагач и несертифициран, но страстен собирач на метафори.

Слични содржини