Руте: Европа ќе плати за американското оружје испратено во Киев

од Vladimir Zorba
46 прегледи

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во четвртокот ги повика Соединетите Држави да продолжат да обезбедуваат воена помош за Украина, нагласувајќи дека Европа ќе плати за американското оружје испратено во Киев.

По изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Европската унија треба да направи повеќе за поддршка на Украина, тој истакна дека на Европа и треба „САД да останат вклучени“.

„Ако оваа нова администрација на Трамп е подготвена да продолжи да ја снабдува Украина од нејзината одбранбена индустриска база, Европејците ќе ја платат сметката, јас сум апсолутно убеден во тоа, ние мора да бидеме подготвени да го сториме тоа“, додаде тој, јави Танјуг.

Руте, говорејќи на Светскиот економски форум во Давос, рече дека НАТО мора да инвестира повеќе во одбраната, да го зголеми одбранбеното индустриско производство и да преземе поголем дел од трошоците за помошта за Украина, пренесува Ројтерс.

Руте, исто така, рече дека е клучно Русија да не победи, бидејќи верува дека тоа ќе биде поттик за Северна Кореја и Кина.

Руте, исто така, предупреди дека руската победа над Украина негативно ќе влијае на одвраќачката моќ на НАТО и дека враќањето на кредибилитетот на Алијансата може да чини илјадници милијарди.

„Треба да ја промениме траекторијата на војната“, рече Руте, додавајќи дека Западот „не може да дозволи во 21 век една земја да нападне друга земја и да се обиде да ја колонизира“, пишува АП.

Слични содржини