За мене тоа е мината работа. Јас уште во самиот старт реков дека ние пред лицето не правдата не ги видовме сценаристите и режисерите на тој настан. Факт е дека тогаш толпата народ од лично незадоволство поради гестот кој ние, со тогашните политички убедувања го направивме, влезе во Собранието. Утре сум повикан на распит пред обвинител токму за овој предмет. Ќе ми ја освежат меморијата, изјави претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски за настаните на 27 април 2017 година, по одлуката на Основниот кривичен суд на барање на Обвинителството да ги амнестира поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, ексминистрите Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Димитриевски истакна и дека е факт дека „таму од страна на поединци имаше сериозни кривични дела, додека останатите беа учесници во толпа, а не терористи“.
-Јас не можам ниту смеам да си дозволам да толкувам судска пресуда, рече синоќа тогашниот член на СДСМ во емисијата „Клик плус“.
-Беа осудени лица за дела кои што не ги направија. Бев присутен во момент кога се самозаштитував себеси, за да се одбранам себеси или дел од моите колеги пратеници во тој момент. Гледам луѓе кои се обвинети и служат затворска казна, а знам дека не пипнаа никого со прст во мое присуство. Од друга страна, знаеме луѓе кои што буквално со метални предмети не млатеа по глава и тие не се во затвор. Органите на истрагата треба да откријат кои беа сценаристот и режисерот, додаде Димитриевски.
Со претходната пресуда од Кривичен, за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор. Меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација во април 2023-та наведе дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според законот кој беше донесен во Собранието за настаните од „крвавиот четврток“.
Судијата образложувајќи ја својата одлука на денешното рочиште изјави дека државата се сака со патриотизам, со работа, но никако со насилен влез во Собранието.