Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) остро реагира и длабоко жали поради етикетирањето на македонската заедница во Албанија како „Северномакедонци“ од страна на амбасадорката на Албанија во Софија, Инид Мило. МАЕИ бара јавно извинување од албанското МНР и од амбасадорката Мило. Потенцираат дека ова не е изолиран случај.
-Минатата година, при објавувањето на резултатите од пописот и албанскиот Институт за статистика го користеше терминот „Северномакедонци“ за македонското малцинство, предизвикувајќи силни реакции во нашата заедница.
Македонската заедница, која секогаш придонесувала за мирот и хармонијата во Албанија, чувствува длабока неправда од овие навредливи квалификации, се наведува во реакцијата.
Ставот на МАЕИ е испратен до албанскиот министер Игли Хасани, делегацијата на ЕУ во Тирана, како и до американската и македонската амбасада во Тирана.
Стерјовски неодамна побара од албанските власти под итно да ја забранат активноста на бугарската фондација „Бугарска меморија“ поради „длабока загриженост за тековните напори на бугарските власти и споменатата фондацијата да ја асимилираат македонската заедница“. Тој директно му се обрати на албанскиот премиер Еди Рама, посочувајќи дека ваквите активности претставуваат сериозно мешање во внатрешните работи на Албанија.
Според Стерјовски, фондацијата „Бугарска меморија“, поддржана од различни бугарски структури, е вклучена во корупција на албанските функционери преку донации, со цел да се создаде криминална мрежа која се занимава со асимилација на Македонците во Албанија. Тврди дека вршат манипулација со пописните податоци во областите со македонско малцинство и издавање лажни потврди за бугарско потекло и помош во бизнисот со бугарски пасоши.
Стерјовски неодамна во интервју за албанската телевизија „МЦН“ изјави дека македонската заедница во Албанија е над 100 илјади на целата територија.