Ватикан денеска ги повика владите внимателно да го следат развојот на вештачката интелигенција (AI), предупредувајќи дека технологијата содржи „сенка на злото“ во нејзината способност да шири дезинформации.
„Лажните медиуми (содржини) генерирани од вештачката интелигенција можат постепено да ги поткопаат темелите на општеството“, се посочува во новиот документ за етика на вештачката интелигенција, напишан од два оддели во Ватикан и одобрен од папата Франциск.
„Ова прашање бара внимателно регулирање бидејќи дезинформациите, особено во медиумите контролирани или под влијание на вештачката интелигенција, може ненамерно да се шират и да поттикнат политичка поларизација и социјални немири“, се додава во текстот.
Франциск, кој ја води Католичката црква со 1,4 милијарди верници од 2013 година, во последните години се фокусираше на етичките прашања поврзани со вештачката интелигенција.
Папата минатата недела на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос пренесе порака за технологијата, предупредувајќи ги политичките и економските лидери дека тоа доведе до „критични грижи“ за иднината на човештвото.
Франциск зборуваше и за вештачката интелигенција на самитот на Г7 во Италија минатиот јуни, велејќи дека луѓето не треба да дозволат алгоритмите да одлучуваат за нивната судбина.
Новиот документ на Ватикан насловен „Antica et nova“ (древно и ново) ги разгледува ефектите на вештачката интелигенција во низа области, вклучувајќи го пазарот на трудот, здравството и образованието.
Како и во сите области каде што луѓето се повикани да одлучуваат, така и овде се наѕира сенката на злото“, се вели во текстот.
„Моралните евалуации на оваа технологија ќе треба да го земат предвид начинот на кој се постапува и користи.