На 1-ви февруари (сабота) со почеток во 11:00 часот ќе се одржи протестен марш низ улиците на Струмица како израз на граѓанско незадоволство од упорното нерешавање на проблемот со воздушното загадување во Струмичката котлина што ја донесе Струмица на 7-то место како најзагаден град во Европа. Ова стои во соопштението на еколошкото друштво „Здрава котлина“.
Друштвото најавува дека во сабота дека ќе ѝ се обрати на јавноста за нивните пораки и барања до локалната и централната власт.
-Ќе ги посочиме нештата што мора да се променат и во името на сите вас ќе искажеме конкретни и прецизни мерки од кои ќе нема отстапување. Пресудно е да се врши јавен притисок и тоа е најефективно во отсуство на резултати кои со години ги чекаме да ситигнат. Она што досега добивме се полни болници и жални вести. Струмица не смее да остане 7ми најзагаден град во Европа и токму тоа зависи од сите нас!
Ова е исклучиво граѓански протест и секакво јавно истакнато партиско одбележје или симбол ќе биде отстрането од страна на редарите, стои во апелот на „Здрава котлина“.
Изминатиот период во Скопје се одржаа два протести за состојбата со аерозагадувањето, на кои еко активистите испорачаа барања. Невладините бараат Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето. Од итните мерки бараат Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат, забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот утврден според член 145, став (2), алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно на ограничувањето на брзината во населени места од 50 km/h). Се бара и забрана за увоз во земјата на половни возила постари од 10 години и под ЕУРО 5 стандардот, како и увоз на нови возила со стандарден минимум ЕУРО 6.
Според анализите, 18 отсто од вкупната смртност во земјава можат да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на штетни ПМ честички во воздухот.
Владата неодамна соопшти дека со зајакнати контроли и забрани ќе се бори против енормното загадување во Македонија. Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и намалување на емисиите на загадувачки супстанции при алармантно загадување на воздухот, донесен е Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции. Исто така донесена е наредба за воведување на десет мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции кога ќе го надминат дозволениот праг.
Спас од енормното загадување на воздухот ќе се бара и во когенеративни централи коишто ќе произведуваат електрична енергија и гас. На тој начин ќе се намали употребата на дрвото, пластиката и нафтата за затоплување на домовите, а загадувањето на воздухот на тој начин би можело да се намали за 60 проценти. Во најава и е и набавка на стотина електрични автобуси со кои треба да се решава проблемот со јавниот превоз во главниот град, но и ќе се намали енормното загадување од сообраќајот.