Екс-премиерот Георгиевски ќе сведочи во случајот против Љупчо Георгиевски кој беше претседател на згаснатиот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“

од Nikola Popovski
4,6K прегледи

Основниот суд во Битола го прифати и ќе го повика поранешниот премиер и претседател на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски како сведок во случајот против екс-претседателот на сега веќе избришениот бугарски клуб „Иван Михајлов“, Љупчо Георгиевски. Барањето било поднесено од адвокатот на Георгиевски, Насер Рауфи, а е прифатено откако случајот продолжи по повеќе од три месеци.

На Георгиевски му се суди за предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз национална основа и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. На вчерашното рочиште било поставено прашање за цитатот на Иван Михајлов „Залудни се напорите на маскираната македонска нација да го лаже светот, вистината ќе победи, ваш Иван Михајлов“ кои биле испишани во просториите на клубот.

„Природно е клубот да има цитат од личноста чие име го носи овој клуб. Знаете дека Министерството за правда го запишало здружението со името на Иван Михајлов во регистрите“, изјавил за медиумите адвокатот по завршувањето на рочиштето, прецизирајќи дека конкретно за Михајлов треба да зборува поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, па оттаму и неговото вклучување како сведок.

„Ова е уште еден монтиран судски процес против Бугарите во Македонија. Се надеваме дека ова ќе заврши и ќе можеме да ги уживаме нашите права, еднакво како и сите други народи во земјата. Зборовите на Иван Михајлов се зборови на Иван Михајлов и треба да предизвикаат научна дебата. „Не се чувствувам виновен за обвинението, но горд сум што сум ванчомихајловист“, изјавил осомничениот Георгиевски по завршувањето на судското рочиште.

Случајот против македонскиот Бугарин започна во јули 2023 година, а следното рочиште е закажано за 27 март.

Клубот беше избришан од Централниот регистар во март 2023 година откако Министерството за правда одлучи дека името на клубот ги повредува националните чувства на Македонците, поради соработката на Ванчо Михајлов со фашистичкиот окупатор. Од Централен регистар тогаш рекоа дека клубот не го усогласил името со измените во Законот за здруженија и фондации.

Со законот се забранува основање на организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Претходно, бугарскиот клуб најави дека правдата ќе ја бара во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Слични содржини