ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ и Венко Филипче за проблемите во секторот здравство. Од партијата на власт утрово продолжија со соопштенијата против лидерот на СДСМ, особено насочени по проблемите на Клиниката за онкологија и недостигот на лековите од биолошката терапија. Упатија низа критики и обвинувања.
-Венко Филипче беше најлошиот менаџер и министер за здравство во историјата на Македонија. Крахот на македонското здравство во време на Филипче, СДС и ДУИ доведе до агонија кај пациентите, пациенти без терапии и без лекови, неефикасен систем на закажување термини и егзодус на лекарите.
Филипче набавуваше вакцини за ковид од непостоечка фирма во Кина, Филипче беше неспособен да набави вакцини, имаше недостиг на маски за медицинските работници сред ковид пандемија, немаше кислород и болнички кревети, медикаменти, тестови за ковид и опрема, велат меѓу другото од партијата на Христијан Мицкоски, барајќи од ЈО да отвори истраги за да се испитаат сите прекршувања на закони, процедури,постапки и тендери во здравството.
Дел од биолошката терапија која недостасува на Клиниката за онкологија ќе биде достапна за пациентите во текот на денешниот ден – уверуваат надлежните. Потпишани се Анекс-договорите за набавка на четири лека, преостанатите два кои се обезбедуваат со донации ќе пристигнат до крајот на неделава. Директорот на Клиниката вели и сега пациентите не се оставени без терапија, лекови нема за 60-тина болни од канцер.
Од СДСМ пак, бараат извинување и оставка од Рашела Мизрахи, затоа што како што велат ги лажеше граѓаните, за политички поени.
„Нема формални одлуки ниту заклучоци од работата на анкетната комисија. Сега почитувани јасно е зошто нема, затоа што цело време се манипулирала јавноста и се сееле лаги. Вистината е дека Мизрахи намерни ги лаже граѓаните. А пратеник што ги лаже граѓаните не може да ги претставува“, изјави Богданска Кузеска од СДСМ.
Годинава буџетот на Клиниката за онкологија ќе биде значително зголемен – од Фондот велат некои од лековите што недостасуваат во иднина ќе бидат зголемени за двапати.
10-тина дена на Клиниката за онкологија недостасуваат шест биолошки лека. Надлежните велат – зголемениот број на болни од карцином довел до овој дефицит.