Децата во САД продолжија да заостануваат во вештините за читање по пандемијата „Ковид-19“, додека мал напредок е забележан во математиката, покажуваат најновите резултати од тестирањето познато како Национален испит.
Резултатите од испитот покажаа зголемена нееднаквост меѓу учениците, па најдобрите ученици почнаа да им се враќаат на своите оценки и знаења од пред пандемијата, додека учениците со пониски резултати почнаа уште повеќе да заостануваат, пренесуваат медиумите.
Најновиот испит се одржа на почетокот на 2024 година во секоја држава, а учениците од четврто и осмо одделение беа тестирани по математика и читање.
Комесарката на Националниот центар за статистика на образованието Пеги Кар рече дека „вестите не се добри“.
„Не го гледаме напредокот што ни треба за да го повратиме нивото што нашите ученици го изгубија за време на пандемијата“, рече таа.
Меѓу неколкуте светли точки во резултатите од истражувањето беше подобрувањето на резултатите од тестовите по математика за четврто одделение, каде просечната оценка се зголеми за 2 поени на скалата од 500, но сепак е три поени под просекот пред пандемијата во 2019 година.
Кога станува збор за оценките по математика, некои држави и области постигнаа значителен напредок, вклучително и Вашингтон, каде просечната оценка се зголеми за десет поени.