Српската полиција во Чачак и Нови Сад уапси петмина млади луѓе на возраст од 17 до 31 година, кои се осомничени дека грабнале момче од училишно игралиште во Горњи Милановац. Уапсените се М.Ѓ. (22), Н.С. (27), А.У.(31), Н.Ј.(28) и С.К.(25), како и 17-годишник, кои добија кривична пријава за киднапирање.
Како што соопшти српското МВР, тие се осомничени дека на 14 јануари, од училишното игралиште во Горњи Милановац, лажно претставувајќи се како полицајци, киднапирале 19-годишно момче, покажувајќи му официјална значка на српската полиција, пред насилно да го стават во автомобил со полициски трепкачи, пренесува „Телеграф“.
„Притоа, заканувајќи му се дека ќе го убијат, му украле две УСБ-а со податоци од криптопаричник и дигитална валута во вредност од 400.000 евра, а потоа го исфрлиле од возилото на бензинска пумпа кај Горњи Милановац“, соопшти српското МВР.
При извршувањето на ова киднапирање, пријавените, како што соопшти МВР, користеле две возила, за кои се сомничат дека претходно ги украле во Нови Сад.
При претрес во становите на осомничените, пронајдени се двете УСБ-а кои биле украдени од оштетениот, лаптоп, возилата со кои го извршиле кривичното дело, полициски трепкачи и службената легитимација од МВР на Србија.
На петтемина осомничени им е одредена мерка притвор до 48 часа, по што со кривична пријава ќе бидат изведени во надлежното обвинителство.