Јаневска за новата гимназиска концепција: Веќе добиваме силна поддршка од младите

од Nikola Popovski
56 прегледи

Јас сум многу задоволна што новата концепција предизвика бурни дискусии и разговори. Многу сериозни ги сфаќаме сите дадени изјави од сите факулети. Ова е нацрт-концепција и може да претрпи промени. Ќе продолжиме и на терен и ќе работиме на подобрување на истата. За разлика од дел на стручната јавност, веќе добиваме силна поддршка од младите, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска за реформите во концепцијата за гимназиско образование, со која предметот Филозофија нема да биде задолжителен предмет, туку изборен, а предметите Логика и Етика ќе бидат целосно отстранети.

Како што рече вчера Јаневска, реформата на гимназиското образование следи по 24 години, и затоа, според неа, не може сега да се бара ништо да не се менува во наставниот план и наставната програма.

-Забелешките што ги слушам не се однесуваат на самата Концепција, туку на наставниот план и програмата, односно на бројот на часови. Дел од наставниците се плашат дека ќе останеле без работа. Гарантирам дека ниту еден единствен наставник нема да остане без работа, кажа вчера министерката одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.

На 16 јануари, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието соопштија дека е изработена нацрт Концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикуваат сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.

Институтот за филозофија при Филозофскиот факултетот во Скопје се вклучува во јавната расправа и категорично го отфрла решението во нацртот на Концепцијата за реформи на гимназиско образование со кое, тврдат, се врши бришење на предметот Филозофија од корпусот задолжителни предмети, како и целосно отстранување на предметите Логика и Етика од корпусот изборни предмети во однос на постојниот наставен план.

Како што велат, како форма на средно образование, гимназијата ги поставува основите за натамошното интелектуално и професионално усовршување на учениците.

Слични содржини