Дванаесет земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Германија, побараа од Европската комисија (ЕК) да ги искористи своите овластувања според Законот за дигитални услуги за да го заштити интегритетот на европските избори од странско мешање.
Во писмото испратено до ЕК, министрите за европски прашања на Франција, Германија, Холандија, Белгија, Кипар, Хрватска, Чешка, Данска, Грција, Романија, Словенија и Шпанија побараа од ЕУ да ги исполни своите ветувања за создавање тело на ЕУ за да се спротивстави на странска манипулација со информации и мешање во изборите, објави Ројтерс, која имала пристап до документот.
„Неодамнешните инциденти бараат итна и обединета акција за заштита на претстојните избори во ЕУ“, се вели во писмото.
Европските дипломати рекоа дека писмото главно се однесува на мешање на Русија и Кина, но дека има и други случаи.
Парламентарните избори во Германија се закажани за 23 февруари, а формирана е работна група за да се спречат какви било обиди на странски држави да влијаат на гласањето.
Во декември, ЕК отвори истрага против TikTok, во сопственост на кинеската компанија ByteDance, поради сомневање за мешање во претседателските избори во Романија во ноември.