Васко Мавровски е новиот директор на НУ Народен театар Битола

од Aneta Risteska
12 прегледи

Министерството за култура и туризам, донесе решение со кое Васко Мавровски стана директор на Националната установа, Народен театар Битола со мандат од 4 години.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на предлог на Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор на НУ Народен театар Битола го донесе ова решение. Во образложението на министерството стои:

„Согласно член 29 став 1 и 2  од Законот, директорите на националните установи се избираат за време од четири години и може повторно да бидат избрани, а согласно член 30 став 2 од Законот, министерот за култура и туризам го избира и разрешува директорот. Министерот за култура и туризам формираше Комисија за селекција на кандидати за избор на директор на НУ Народен театар Битола.

Комисијата оствари увид во една пристигната пријава и утврди дека кандидатот Васко Мавровски поседува стручни и професионални квалитети за извршување на функцијата директор и ги исполнува општите и посебните услови утврдени во огласот. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков врз основа на предлогот на Комисијата, одлучи и оцени дека Мавровски ги исполнува општите и посебните услови утврдени со огласот, како и тоа дека поседува стручни и професионални квалификации за извршување на функцијата директор, а доставената Програма за работа и развој на установата за периодот 2025-2029 година ја оцени како позитивна и со квалитетна развојна компонента како и во насока за економско зајакнување, заради што одлучи како во диспозитивот на ова Решение“.

Мавровски од септември минатата година беше в. д. директор на Народниот театар во Битола, инаку актер кој подолго време е член на ансамблот, а има одигранo поголем број улоги.

Мавровски е и  основач и на детскиот театар „Петар Стојковски – Бабец“ од Битола и организатор на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.

Слични содржини