Во земјава денеска се одбележуваат 153 години од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите. Во чест на раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, повеќе делегации од земјава, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, ќе положат цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Не е најавена официјална делегација од Бугарија, како што беше пред две години.
-Не добивме покана од РСМ за заедничка прослава на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Засега немаме покана, изјавил пред два дена новиот министер за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев.
Последното такво чествување беше откако се потпиша Договорот за добрососедство во 2017 година.
Во Софија требаше да се одржи откажано заедничко чествување на Делчев по повод 153-годишнината од неговото раѓање. Сепак, македонските уметници ги повлекоа своите настапи кога стана јасно дека немаше да има официјални државни претставници од Македонија. Овој настан, кој првично се сметаше за значајна културна соработка, беше организиран под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев и планиран за 4 февруари. Планиран бил заеднички свечен концерт со класична музика и поезија, но учесниците од Македонија го откажаа учеството затоа што од организаторот добиле лажни информации дека во Софија ќе патуваат и македонски официјално претставници.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.