Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈАНУАРИ 2025 ГОДИНА
Неопходни се реформи во правосудството
Разрешена судијка од Велес и газди на ланец аптеки обвинети за фалсификување – Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против судијка од Основниот суд во Велес, двајца сопружници – сопственици на ланец аптеки и правното лице, кои се товарат за фалсификување службена исправа и за употреба на исправа со невистинита содржина. Првообвинетата, постапувајќи во предмет во кој тужители се останатите обвинети, донела пресуда со која им го усвоила тужбеното барање и им утврдила право на сопственост на деловен простор и земјиште под зграда. Иако пресудата не била правосилна и извршна, а тужените навреме изјавиле жалби, судијката поттикната со умисла од сообвинетите, ја заверила со службен печат за правосилност и извршност со што свесно внела невистинит податок во службената исправа. Ваквата службена исправа со невистинита содржина таа ја дала на рака на управителката на правното лице, наместо преку судска достава.
Стотици милиони евра оштетен буџет, минимално конфискуван имот– За вкупно 244 милиони евра е оштетен буџетот изминатава деценија, покажува анализата Радио Слободна Европа на 30 високо профилни судски случаи. Обвинителите побарале од судот да им се конфискува имот на десетина обвинети во вредност од околу 62 милиони евра, а Судот одобрил конфискација во 5 предмети вредна 49 милиони евра. Становите на Груевски уште чекаат одлука од Влада. Речиси 62 милиони евра би можела да „тежи на хартија“ Агенцијата за конфискуван имот, доколку судот ги прифател барањата на обвинителите за заплена на имотот стекнат со криминал, покажува анализата на Радио Слободна Европа на 30 високо профилни судски случаи во последните 10 години. Според анализираните предмети, Судот во пет од 30 судски случаи пресудил од бараните 62 милиони да се конфискува имот во вредност од 49 милиони евра. Доколку до сега се наплателе овие пари, државата би можела со нив, на пример да плати камата за првите три години од унгарскиот кредит, или да изгради најмалку 30 нови училишта. Станува збор за пресуди со конфискација кои и по неколку години од правосилност се уште не се во целост реализирани и наплатени. Тоа се пресудите во предметите „Империја“, „Плацевите на Водно“, „Труст“ и „Диамед“.
Нови ревизорски извештаи на ДЗР: ПИОМ, Дирекција за заштита и спасување и Клиника за дерматологија – Останува дупката во ПИОМ – откриени и „фиктивни“ вработувања – Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи на Фондот на пензиско и инвалидското осигурување за 2023 година, при што е утврдено неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиската состојба. ДЗС не ги одржува својот имот и опрема, а нема ни национална стратегија за спасување и заштита – предупредуваат ревизорите од ДЗР – Неевидентирани објекти од доделениот имот на ДЗС, запуштени и нефункционални засолништа, технолошки застарена, неупотреблива и несервисирана опрема, непостојна национална стратегија за заштита и спасување по 2018 година, недостаток на критериуми за набавка на противпожарна опрема, недоволен број пилоти, неоправдано ангажирање на брокер за осигурување на авионите… се дел од констатациите во извештајот на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија во Дирекцијата за заштита и спасување, за 2023 година. ДЗР: Слабостите во управувањето со здравствените услуги и лекови создаваат финансиски и оперативни предизвици во Клиниката за дерматологија – Изразено е неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година за сметката за средства од фондот 737, додека за сметката за сопствени приходи 531 изразено е мислење без резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година – стои во соопштението.
Функционерите ги игнорираа укажувањата на ДКСК
Антикорупциска го казни Џафери бидејќи вршел две функции одеднаш – Поранешниот спикер на Собранието Талат Џафери, е санкциониран од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако било утврдено дека незаконски извршувал две неспоиви функции истовремено. -Постапката против Џафери беше поведена по иницијатива на Левица, која уште во јуни 2024 година поднесе претставка до ДКСК за судир на интереси поради неспоивост на функции, бидејќи Џафери истовремено беше претседател на Владата и пратеник во Собранието.
Граѓаните им дадоа тројка на судските услуги – судиите задоволни, за министерот бројките се поразителни – На скалата од еден до пет граѓаните кои биле странки во судска постапка, обвинети, оние административни услуги во Судовите, адвокати, јавни обвинители и новинари дале оценка тројка за судските услуги. Ова го покажува анкетата која ја спроведе Коалицијата Сите за правично судење на барање на Здружението на судии. Девет проценти од 1100 анкетирани граѓани кажале дека им било побарано мито, на една третина директно од судиите, а на останатите од други судски службеници. Граѓаните се најнезадоволни од брзина на судските постапки, која е последица на зголемениот број на судски предмети, а намалениот број на судии за што предупредуваше Коалицијата.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈАНУАРИ 2025 ГОДИНА
Полицајци барале поткуп па си го делеле меѓу себе: Обвинение за 16 лица во предметот Премин – По спроведената истражна постапка во предметот под кодно име Премин, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против 14 лица и Обвинителен предлог против две лица. Според наводите содржани во диспозитивот на обвинителниот акт 13 царински службеници од кои едниот е во пензија и полициски службеник се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Примање поткуп предвидено и казниво по член 357 од КЗ. Деветмина од обвинетите сториле и продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 КЗ.
Поранешен директор на комунално претпријатие во Гази Баба фиктивно ангажирал сезонски работници – поднесено е обвинение – Скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против поранешен в.д. директорот на Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“, кој се товари дека преку фиктивни договори за ангажирање сезонски работници за себе присвојувал пари што му биле доверени во службата. Според Обвинителството, договорите биле заведени под ист деловоден број и имале потпис само од обвинетиот, а сезонските работници во периодот за кој наводно биле ангажирани и примале хонорар, се наоѓале надвор од државата.
Побарал 150 евра да се почести – уапсен хирург по примање поткуп за операција во Клиничката болница во Битола – Шеесет и четиригодишниот битолски хирург, М.С. е уапсен откако примил поткуп по операција што ја извршил врз жолчно ќесе на пациентка во Клиниката болница во Битола. Тој побарал 150 евра индиректно, преку друго лице, од синот на пациентка, за да се почести за извршената работа, соопшти обвинителството. Потоа во просториите на Болницата вчера синот во плик му дал на лекарот три банкноти по 50 евра, кои биле обележани. Откако ги примил, околу 17 часот, полициски службеници по извршениот претрес, ги пронашле парите, а М.С. е лишен од слобода.
Полицаец зел 50 евра поткуп за побрзо вадење на пасош: „Знаете дека ние не се трудиме џабе” – и’ рекол на оштетената – Според информаците од Обвинителството, вработениот во Отсекот за странци и реадмисија, на 16 јануари во службените простории ја повикал оштетената која ја изгубила патната исправа и требало да извади нова. Притоа без да изврши проверки за претходно изгубениот пријавен пасош и да ги запази работните процедури ѝ дал уплатница за да уплати за издавање на нова. Откако го уплатила износот, оштетената се вратила во просториите на Одделот за управни работи и на осомничениот му ја предала уплатницата. Откако го прашала за временскиот рок на постапката за издавање, полицаецот одговорил дека се чека од 6-12 месеци, на што жената негодувала, а осомничениот со гестикулации протривајќи ги прстите ѝ покажал дека треба да плати 50 евра за услугата велејќи „Знаете дека ние не се трудиме џабе”.