Секоја година, на 4 февруари, се одбележува Светскиот ден на ракот со цел да се подобри превенцијата и да се спасат што повеќе животи, бидејќи раната дијагноза може да биде прашање на живот и смрт.
Според истражувањата на оваа тешка болест, ризиците од развој на рак се зголемуваат, бидејќи се зголемува и животниот век на луѓето. Современиот начин на живот, работните места, генетиката, семејната историја, изложеноста на вируси, хемикалии и опасни материи го зголемуваат ризикот од развој на најтешката болест од која, за жал, не се поштедени ниту нашите сакани миленици.
Денес во светот има околу 18 милиони случаи на рак, од кои најчести се ракот на белите дробови и на дојката. Кога станува збор за домашни миленици, кучињата заболуваат од рак со приближно иста стапка како и луѓето, а има помалку податоци за процентот на мачки кои заболуваат од рак.
Некои видови на рак, како што е лимфомот, се почести кај мачките отколку кај кучињата, додека приближно едно од четири кучиња ќе развие неоплазија, или абнормален и прекумерен раст на ткивото, во одреден момент од нивниот живот.
Кај речиси сите видови домашни животни, малигната неоплазија (рак) може да се развие во површинските клетки на кожата. Иако истражувачите не ја утврдиле точната причина за овој рак, продолжената изложеност на ултравиолетова светлина е значаен фактор на ризик. Дополнително, се покажа дека белите мачки, белите кучиња и коњите со бели ознаки на лицето имаат поголема веројатност да развијат сквамозен карцином.
Еколошките канцерогени, како оние кои се наоѓаат во чадот од цигарите, се покажа дека придонесуваат за развој на орален сквамозен карцином кај мачките.
Вирусите се исто така познати причинители за одредени видови на рак кај домашните миленици. Вирусот на леукемија на мачки е честа причина за смрт кај мачките, бидејќи до 30 проценти од мачките инфицирани со овој вирус развиваат рак. Еден вид бенигна неоплазија која формира брадавици (познати како орални папиломи) во устата на кучињата, особено на помладите, е предизвикана од вирус.
Некои видови на рак, според Мсдветмануел, се сексуално преносливи (канцерот на гениталиите на кучињата познат како кучешки пренослив венеричен тумор се пренесува за време на сексуален однос). Иако недостигаат конкретни одговори за причините за многу видови рак кај животните, ветеринарите и истражувачите знаат дека ракот не може да биде предизвикан од краткотрајни физички повреди како што се испакнатините и модринки. Сепак, на местата на сериозни трауматски повреди, може да се развие рак, дури и години по повредата. Се покажа дека локацијата на фрактури на коските (особено ако фрактурите се повторуваат) или местата за имплантација (како што се иглички или метални плочи) може да имаат поголем ризик од сарком од другите делови на телото.
Потребни се многу нови истражувања за сите видови неоплазии, и кај луѓето и кај животните. Како што дознаваме повеќе за неговите причини, изгледите за лекување на миленичиња со рак ќе станат поизвесни, со надеж дека во иднина, ракот може да се спречи, но и да се излечи.