(ВИДЕО) Керолин Левит: УСАИД на Србија и даде 1,5 милиони долари за промовирање на инклузијата

од Илинка Илиоска
50 прегледи

Портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, ја критикуваше американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) за доделување 1,5 милиони долари на програми кои промовираат различност, правичност и инклузија (DEI) на работните места во Србија, нарекувајќи го „бескорисно трошење даночни средства“.

Во соопштението Левит наведува дека сите вакви проекти, вклучително и оние во Србија, се дел од поширокиот тренд на „лудо и злонамерно“ трошење пари, без соодветен надзор, пишува Гласот на Америка.

Иако не ги прецизираше точните проекти во Србија, таа посочи дека слична помош била доделена и на други земји за слични иницијативи, како што се програмите во Гватемала, Ирска и Виетнам.

Левит во своето обраќање до медиумите истакна дека како американски даночен обврзник не сака нејзините пари да одат за тие проекти и дека е сигурна дека тоа не го сака ниту американскиот народ.

За време на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, најавено е стопирање на ваквото трошење, а планирана е и реформа на УСАИД, со можност агенцијата да се приклучи на Стејт департментот со цел да се намали бројот на вработени и да се зголеми ефикасноста.

Според медиумите, УСАИД испратил известување за привремено прекинување на сите активности што се спроведуваат во Србија во рамките на договорот за реализација на проектот „Правда за сите“. Исто така, се наведува дека рокот предвиден со наредбата за прекин на работата е 90 дена додека трае ревизијата на сите проекти и дека информации за натамошното продолжување на работата на проектот ќе се обезбедат во наредниот период, кога УСАИД ќе биде информирани за понатамошните чекори.

УСАИД е најголемиот донатор во светот, а во фискалната 2023 година, САД платија 72 милијарди долари за меѓународна помош, вклучувајќи проекти во здравството, енергетската безбедност и борбата против корупцијата.

Како што беше наведено вчера, американскиот државен секретар Марко Рубио ја презеде функцијата вршител на должноста администратор на УСАИД.

Илон Маск, кој го предводи Одделот за владина ефикасност (DOGE), изјави дека УСАИД ќе биде затворен и дека Трамп се согласува со него.

Од друга страна, американскиот демократски сенатор Брајан Шац рече дека ќе го блокира гласањето во Сенатот за кандидатите на претседателот Доналд Трамп за дипломатски функции како знак на протест поради затворањето на УСАИД и неговото приклучување кон Стејт департментот.

Демократите инаку го критикуваа Трамп за информациите за плановите на УСАИД да се приклучи на Стејт департментот, истакнувајќи дека агенцијата „по статут е независна институција“.

Седиштето на УСАИД во Вашингтон беше затворено вчера во текот на денот, а на вработените преку мејл им беше кажано да останат дома.

Од ѕидовите на зградата беа отстранети логоа и фотографии од хуманитарна работа, а пристапот до компјутерскиот систем на агенцијата беше оневозможен за повеќе од 600 вработени во текот на претходната ноќ.

Слични содржини