СЗО: Загадениот воздух е водечка причина за рак на белите дробови кај непушачите

од Илинка Илиоска
3 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека е зголемен бројот на заболени од рак на белите дробови кај луѓе кои никогаш не пушеле, а како еден од клучните фактори се наведува загадувањето на воздухот.

Според проценките на Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ), ракот на белите дробови кај непушачите се смета за петта водечка причина за смрт од рак во светот.

Студијата објавена во научното списание Lancet Respiratory Medicine наведува дека во 2022 година, околу 200.000 случаи на аденокарцином биле поврзани со изложеност на загаден воздух, при што источна Азија, особено Кина, претрпе најголемо влијание од загадувањето.

Водачот на студијата Фреди Бреј рече дека наодите ја нагласуваат итната потреба да се следат промените во ризикот од рак на белите дробови и да се спроведат дополнителни истражувања за да се идентификуваат можните причини, како што е загадувањето на воздухот, кај популациите каде што пушењето не е главната причина.

Аденокарциномот стана доминантен подтип на рак на белите дробови и кај мажите и кај жените, со 45,6 отсто од случаите кај мажите и 59,7 отсто од случаите кај жените во 2022 година. Исто така, 70 проценти од случаите на рак на белите дробови кај непушачите се аденокарцином.

Додека стапките на инциденца на рак на белите дробови кај мажите се намалуваат во повеќето земји, тие продолжуваат да се зголемуваат кај жените. Во 2022 година, на околу 900.000 жени им бил дијагностициран рак на белите дробови, што укажува на стеснување на јазот помеѓу бројот на случаи кај мажите и жените.

Иако не е познат точниот процент на случаи на рак на белите дробови кај непушачите, доказите покажуваат дека тој број се зголемува.

Слични содржини