Разрешувањето на в.д. директорката на Клиниката Козле е директен резултат на силниот притисок од јавноста, граѓаните, медиумите и политичкиот притисок на СДСМ, велат од најголемата опозициска партија за отказот за Каролина Симоновска. Според партијата, на ВМРО-ДПМНЕ и на министерот за здравство, Арбен Таравари треба да им биде “јасно дека нема да поминат незабележано и дека одговорност мора да има за хаосот во здравството“.
-Очекуваме новата директорката на Клиниката Козле веднаш да почне да ја санира штетата од погрешното менаџирање на сега веќе разрешената и да ја врати на работа докторката која после 27 години беше насилно избркана на улица, порачаа меѓу другото од „Бихаќка“.
Министерот за здравство денеска го потпишал решението, со кое досегашната директорка на Универзитетската клиника за белодробни заболувања „Козле“, д-р Каролина Симоновска, се разрешува од функцијата. На нејзино место е назначена професорката Катерина Бошковска. Тензиите кулминираа со барањето на Симоновска, медиумите да не го споменуваат нејзиното име, иако таа извршуваше јавна функција, на што реагираа новинарските здруженија и синдикати. Во изминатиот период, медицинскиот персонал алармираше за внатрешни проблеми на Клиниката за белодробни заболувања „Козле“.
Симоновска вчера испрати соопштение до медиумите во кое, како што рече, не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми.
„Јас, д-р Каролина Симоновска именувана за в.д Директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, под целосна материјална, морална и професионална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми.
Особено во ниеден случај моето име и презиме и мојата професионалност да биде злоупотребувано на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми.
Секоја постапка спротивна на горенаведеното преставува нарушување на мојот професионален личен и морален интегритет и при тоа го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“, стои во нејзиното соопштение.
Изминатиот период имаше препукување помеѓу директорката и Лекарскиот колегиум на Клиниката „Козле“, кои преку протестно писмо побараа итна оставка од д-р Симоновска, поради нејзината одлука да ја разреши д-р Веселинка Митровска-Јосифовска. Според Колегиумот, д-р Симоновска се обидела насилно да ја отстрани од ординацијата за време на бронхоскопија, а за тоа има и сведоци. Тие бараат враќање на д-р Митровска-Јосифовска на работа и потенцираат дека самоволието на директорката ја уништува клиниката и влијае на пациентите.