Бараме итно вработување на медицинските лица кои со години работат без здравствено и пензиско осигурување, изјави денеска на прес-конференција, Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“.
Бешлиовска информираше дека Унијата имала реакции од медицински сестри од целата држава, на кои им биле прекинати договорите за работа на дело. Не им било кажано да не доаѓаат на работа, ќе продолжеле, но, финансиска согласност за јануарската исплата, немало. Говорејќи за слабостите, таа подвлече дека имало примери кога на медицински сестри со високо образование им се забранувало да одат во смени, зашто ќе земеле големи плати со дежурствата.
Бешлиовска апелираше ова конечно системски да биде решено, да нема вработувања со договор на дело, ами редовни вработувања, со оглед на тоа што има дефицит кога е во прашање оваа професија, има одлив на кадри. Притоа, Бешлиовска рече дека некои од медицинските сестри работеле и по повеќе години без здравствено и пензиско осигурување, па биле приморани да бараат работа по бутици и слично.
„Ова е нешто што се провлекува години наназад, системот ги натрупува овие медицински сестри. И минатата година во јуни имавме вакви отпуштања“, додаде Бешлиовска.
Изминатиот период, реагирале на слабостите на ангажирање со договор на дело и се залагале за редовно вработување. Но, како што беше кажано, се примале луѓе однадвор, наместо тие кои дотогаш работеле со договор на дело.
Бешлиовска изрази надеж дека ваквите проблеми ќе се надминат.