Очекувајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп нема да застане на изнудување само од неговите најблиски соседи, туку и ќе се обиде да истисне пари и отстапки од другите блиски сојузници, Европската унија подготвува одговор.
Брисел планира контранапад на Силиконската долина доколку Трамп навистина го исполни ветувањето дека ќе наметне, како што вели, „тарифи“ на ЕУ. Тоа би бил прв случај на употреба на таканаречената „бриселска базука“, која може да го вовлече целиот блок во трговска војна, пишува „Фајненшл тајмс“.
Европската комисија размислува да го искористи својот „Инструмент против принуда“ (АЦИ) во потенцијална пресметка од ваков тип со Вашингтон, што ќе и овозможи на Европската унија да го таргетира американскиот технолошки сектор, изјавија двајца бирократи за „ФТ“.
„Сите опции се на маса“, додаде една од нив, истакнувајќи го АЦИ како најсилниот можен одговор на располагање на Брисел без да го прекрши меѓународното право.
АЦИ стапи на сила во 2023 година и се користеше како одбрана против Кина, иако иницијативата првенствено беше покрената поради потезите на Трамп за време на неговиот прв мандат. Мерката и овозможува на европската извршна власт да воведе трговски ограничувања доколку се донесе одлука дека една земја користи царини за стоки и услуги на ЕУ како средство за принуда да ги промени законите.
Во времето кога се гласаше за програмата, бирократите на ЕУ ја нарекоа „базука“ затоа што и дава на Европа моќ да избира од голем број потенцијални одмазднички мерки. Меѓу другото, тоа се повлекување на заштитата на интелектуалната сопственост и повлекување на правата за комерцијална експлоатација на пример, различни софтвери и услуги за стриминг.
Заканата на Трамп дека ќе воведе царини за Европската унија за да ја принуди Данска да го предаде Гренланд на САД или да ги укине регулаторните мерки против американските технолошки компании, секако спаѓа во доменот на „принудата“.
Исто така, АЦИ и дава право на Унијата да ги блокира директните инвестиции и да го ограничи пристапот на пазарот за американските компании од банкарскиот, осигурителниот и другите финансиски сектори.
Трамп минатата недела рече дека „апсолутно“ ќе воведе царини за Европската унија, наведувајќи ги казнените мерки против американските технолошки компании и „ужасниот“ трговски дефицит. Се разбира, тој немаше детали кога ќе ги воведе овие мерки, какви ќе бидат тие и дали има некаква отстапка што ЕУ може да ја стави на маса за да го смири Трамп.
Да потсетиме, беше доволно Мексико и Канада да ветат некои мерки што ионака планираа да ги спроведат или ги спроведуваа во времето на Џо Бајден за Трамп да се чувствува како победник и да ги суспендира царините од 25 отсто на 30 дена.
„Ако си слаб, тоа те јаде. Ако не преговараш, тоа те убива“, изјави вчера министерот за трговија на Луксембург, Ксавиер Бетел.
Министрите за трговија на ЕУ во вторникот одржаа состанок во Варшава за да разговараат за заканата од Вашингтон. Мнозинството, наводно, изразило поддршка за казнени контрамерки, доколку се покажат неопходни.
Комесарот за трговија Марош Шефчовиќ рече дека претпочита да ги избегне тарифите преку преговори, но додаде: „Ако бидеме погодени, ќе одговориме одлучно“.
Шефчовиќ потсети и дека ЕУ има значителен трговски дефицит со САД кога станува збор за услугите, иако точно е дека има суфицит кога станува збор за размена на стоки.
Некои земји-членки не се особено склони да влезат во трговска војна во време кога економскиот раст е со толку ниски стапки. „Сакаме деескалација“, изјави за „ФТ“ еден од дипломатите вклучени во разговорите.
Сосема неочекувано, на пример, унгарскиот министер за финансии и Трампофил Петер Сијарто го напушти состанокот непосредно пред дискусијата за САД, а на прашањето за одмазднички тарифи и заканите на Трамп, тој само одговори дека се надева дека „претседателот ќе донесе мир“.
Секоја одмазда би морала да биде пропорционална на мерките на Трамп и Комисијата прво ќе треба да обезбеди докази за штетата што им е направена на европските индустрии. Потребно е и нешто друго: одобрение од најмалку 15 од 27-те земји-членки.
Консултациите за такви мерки може да траат со недели. Барем така беше последен пат, во 2018 година, кога беа потребни три месеци за одмазднички тарифи да стапат на сила на оние што ги наметна првата администрација на Трамп.
Потоа Вашингтон воведе царини од 25 отсто за челик и 10 отсто за алуминиум, а по околу 90 дена ЕУ возврати со царини на приближно 2,8 милијарди евра американски увезени стоки.
На Канада и Мексико им требаа само неколку часа да објават прецизни контрамерки на одлуката на Белата куќа за царини од 25 проценти. Покрај тоа, Канада толку прецизно ги подготви своите контрамерки што ги таргетираше производителите и компаниите од „црвените“ држави оние во кои победи Трамп.
Францускиот министер за трговија Лоран Сен-Мартен изјави за „Фајненшл Тајмс“ дека ЕУ мора да има побрз одговор.
„Брзината е едно од клучните прашања, мора да бидеме подготвени многу побрзо од минатиот пат. Мораме да бидеме пообединети и побрзи. Најлошата опција би била секоја земја да создаде поединечни договори со Америка. Ако сакаме да изградиме европска економска сила, мора да му покажеме на светот дека сме обединети“, рече Сен Мартин.