Сојузот на стопански комори на Македонија направи анализа на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде растат цените и каде треба да се интервенира. На одржаниот состанок со претставниците на малопродажните ланци и локалните клучни партнери а врз основа на анализата, се донесоа заклучоци дека потребна е поголема транспарентност во формирањето на цените, Владата и институциите да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и добавувачите и увозниците, да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат добавувачите од манипулации со цените, а потрошувачите мора да знаат кој ги поставува цените што би се направило преку јавни кампањи за подигнување на свеста. На состанокот, исто така, беше договорено меѓу сите малопродажни ланци и локалните клучни партнери да не се примаат
нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година.
Бројките од анализата покажале дека супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи.
На прашањето кој ги контролира цените одговорот може да се види во профитната маржа. Според ССК, супермаркетите работат со просечна профитна маржа од само 0,83%, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32%. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13%, додека супермаркетите остануваат под 3%.
Анализата покажала екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи кои се далеку над оние на супермаркетите. Супермаркетите се соочуваат со најголема јавна критика за цените, иако заработуваат значително помалку по производ од добавувачите. На листата на 15 најголеми добавувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8% од вкупниот приход на производителите, но 21,3% од нивниот вкупен профит.
-Дури и најпрофитабилниот супермаркет не е ни блиску до профитабилноста на водечките производители. Некои супермаркети дури и работат со загуба. Маркетите никогаш не ги зголемуваат цените самостојно, промена на цените се случува поради промените на цените на производителите или добавувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостаток на производи. Само во месец јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 добавувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи.
Дополнително, профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, за разлика од другата страна каде се зголемува. Во исто време, меѓународните добавувачи одржуваат значително поголем профит од супермаркетите. Тие вршат силно влијание врз пазарните цени, ограничувајќи ја способноста на домашните трговци на мало да ги приспособат цените надолу. Бројките ја покажуваат вистината, супермаркетите не се причината за зголемените цени. Додека трговците работат со минимални профити, добавувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи без да ги намалат цените, велат од ССК.
Сојузот на стопански комори на Македонија бара транспарентност и фер одредување на цените низ целиот синџир на снабдување, па затоа повикуваат на поголема транспарентност, затоа што време е да се адресира вистинската причина за високите цени и секој во процесот треба да има одговорност.