Во галеријата Чифте амам, во срцето на Старата скопска чаршија, вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба со која завршува годинешното „Остен биенале 2024“.
Овој настан, кој се одржува во знакот на 80-годишнината од постоењето на „Остен“, ќе ја претстави уметноста на 80 наградени творци од повеќе од 40 земји. На отворањето ќе бидат доделени награди и признанија за уметници и соработници на „Остен“, а изложбата ќе понуди богат избор на визуелни изрази – од уметност на хартија, сликарство и инсталации до фотографија, видео и мултимедијални дела.
„Остен“ доделува награди од различни категории, меѓу кои се и Гран при за животно остварување доделена на италијанскиот уметник и теоретичар Микеланџело Пистолето, наградата „Светско културно наследство“ беше доделена на Вангел Наумовски, еден од најголемите македонски ликовни уметници. Во соработка со САВУ (Светската асоцијација на визуелни уметности) се доделени наградите: „Уметник на светот“ на Киро Урдин, „Рембрант“ за извонредност во уметноста на Жан Богосиан од Белгија, наградата „Балкански уметник“ на Данчо Ордев и многу други.
Меѓународното жири додели три први награди: за цртеж, графика, комбинирана техника на хартија на Павол Трубен од Словачка, за слика на платно, инсталација, објекти на K.С. Шриватшан од Индија и за фотографија, видео, мултимедија на Филип Јовески од Македонија.
„Остен“ основано во 1945 година како хумористично и сатирично списание од областа на уметноста, слободната мисла и слободното творештво. Преку Светската галерија на карикатури и Светската галерија на цртеж низ годините биле презентирани уметниците од светот.