Таткото на Фросина до родителите на Васил: Нема нити каење, ни станува збор за сочувство, има само акција за да се изманипулира јавноста

од Milan1
1,7K прегледи

По вчерашната прес-конференција на која родителите на Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина Кулакова изјазија сочувство, реагираше Тодор Кулаков, таткото на починатата девојка. Тој им порача на родителите на Јованов дека никогаш немале вистинско каење бидејќи сочувство испраќаат дури по 9 дена од смртта на неговата ќерка.

„Антисистемот ствара вакви родители кои пак ствараат убиец. Никогаш немаат вистински каење, а кои и после 9 дена не изразија сочуство… Ниту не исконтактираа…Ама затоа веднаш подметнуваат телефон во “Шутка”, за да се договараат како да го прикриваат делото – “Убиство” на син им !!!!!!!!! Подеднакво исто како што и претходните случаи со судијката ги прикривале, што ги прави соученици со кривична одговорност !!!!!!!!! Значи нема нити каење, ни станува збор за сочувство… Има само акција за да се изманипулира јавноста и стекнат симпатии од страна на родителите на убиецот“, напиша таткото на починатата Фросина, Тодор Кулаков, на социјалните мрежи.

Мајката и таткото на возачот Васил Јованов на прес-конференција изразија сочувство поради смртта на младата девојка. Скршена од тага и болка, мајката на Васил, Ана Јованова во изјава за медиумите изнесе родителско сочувство, особено до мајката на Фросина бидејќи, како што вели, „само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка во ваква ситуација“.

Според Ана, кобната вечер се зацрнија два дома.

-Мислам дека само тој што има дете, би требало да може за миг да се стави во нашата кожа и да претпостави колку е страшно и болно и каков товар е тоа. Секој ден се молиме на Бога за семејството на Фросина да ја издржи оваа загуба, рече меѓу другото Ана, додавајќи дека како родители изгубиле едно свое дете кое починало по 23 часа од нејзиното породување.

-По бројни обиди да имаме уште едно, сепак судбината реши да не остави со едно дете, кажа мајката, одговарајќи на новинарско прашање.

Вели дека не ја познава судијката Даниела Алексовска-Стојановска. Првпат ја видела во рамките на самата судница и рочиштата.

-Можеби е сопруга на некој мој поранешен колега, но јас не сум свесна за тоа. Бог ми е сведок, рече Јованова.

Таткото на Васил изјави дека неговиот син по пресудата за претходното кривично дело „навистина се променил и престанал со пушење и се фокусирал на спорт“. Вели дека сам си нашол психолог и духовен водач во манастирот Св. Јован Бигорски.

Зоран Јованов појасни дека никогаш не размислувал, ниту преземал, ниту имал моќ да „повлече врски“ за неговиот син. Дециден е дека „не е човек надвор од системот“. Исто како и Ана и тој кажа дека судијката за претходниот случај Стојановска воопшто не ја познава претходно, туку ја видел во судница.

-24 години го поздравувам македонското знаме секое сабајле. Апсолутно сум човек што верува во казнивост и одговорност, изјави тој.

Слични содржини