Левица ги повикува сите пратеници кои тврдат дека работат во интерес на граѓаните да го поддржат Предлог – законот за ограничување на патните трошоци. Законот предложен од партијата е со методологија за пресметка на надоместокот за патни трошоци – ограничен на реалната потрошувачка од 6,5 литри гориво на 100 километри.
-Реалноста е дека во изминатите четиринаесет години со тие ШЕСТ И ПОЛ милиони евра народни пари, можеше да се изгради целосно нова болница, да се обноват сите студентски домови во земјава или да се изградат 10 нови градинки, наведуваат од партијата на Димитар Апасиев.
Левица нагласува дека е единствената партија која нема земено ниту денар по овој основ и веќе два мандати се бори да ја запре оваа пракса. Предлог-законот задутре, на 12 февруари, ќе биде ставен на дневен ред на собраниската седница.
Предлогот на Левица пресметан во пари би значел дека ако некој пратеник патува дневно 200 километри во два правци ќе земе околу 1040 денари, наместо 3200 кои ги зема сега за истите 200 километри.
Претходно од Левица информираа дека за удобното патување на претставниците во Законодавниот дом, во изминатата 2024 година се поторшени 300 илјади евра, што е за 20 илјади евра повеќе во споредба со 2023 година.