ЗЕЛС предлага и родителите заедно со малолетните сторители на вандализам да вршат општокорисна работа

од Nikola Popovski
100 прегледи

Како ЗЕЛС, на последната седница на Управниот одбор, едногласно ја прифативме иницијативата на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски и денес официјално ја доставуваме до Владата. Се залагаме за воспоставување меѓуинституционална соработка со цел воведување на општокорисна работа како мерка за малолетни сторители на вандализам, обелодени попладнево претседателот на ЗЕЛС, Орце ​Ѓорѓиевски.

Според неговите зборови, вандализмот и уништувањето на урбаната опрема, јавните површини и јавните добра се проблем кој бара системско решение. Поради тоа, ЗЕЛС предлага формирање на стручна работна група составена од претставници од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Оваа работна група ќе има задача да подготви дополнување и измена на повеќе закони.

-Конкретно, иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку можност за заедничка општокорисна работа.

Со оваа иницијатива не сакаме само да санкционираме, туку и да превенираме. Важно е да ја подигнеме свеста кај младите, да ги едуцираме за значењето на јавните добра и да создадеме механизми за нивна ресоцијализација. Општокорисната работа има двоен ефект: од една страна, им помага на младите да стекнат чувство на одговорност и почит кон заедницата, а од друга, спречува повторување на ваквите негативни појави, истакна првиот човек на ЗЕЛС.

Секој чин на вандализам е аларм кој мора да се сфати сериозно. Дури и едно спречено насилство или уништување на јавен простор значи создавање побезбедна и поуредена заедница за сите граѓани.

-Затоа, очекуваме Владата и сите надлежни институции да ја поддржат оваа иницијатива. Нашата цел е заеднички да изградиме правна рамка која ќе донесе вистински промени и ќе им помогне на младите да станат одговорни граѓани, порача ​Ѓорѓиевски.

Првиот човек на Центар, Герасимовски истакна дека вандализмот зема замав во сите општини и е сериозен проблем што бара итна реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители, смета градоначалникот.

Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците.

Општина Центар, во текот на летото, објави видео снимки доставени од граѓани, на кои се гледаат сцени на деструкција, дивеење и загрижувачко однесување на млади лица на јавен простор во истата населба. Пред неколку месеци, во паркот во Капиштец, малолетни лица обиле багер, го ставиле во функција и предизвикале штета на паркирано возило.

Слични содржини