Тетовскиот сојуз на борците од НОБ информира дека поднеле како што велат, темелно образложена Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово, за промена на имињата на улиците. Во известувањето до јавноста, тие објаснуваат од кои причини се одлучиле на тој чекор.
Известувањето ви го пренесуваме во целост:
„Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово известува дека денес поднесе темелно образложена Иницијатива за оценување на уставност и законитост на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година која се однесува на промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.
Одлуката е спротивна на членовите 7, 8 и 51 од Уставот на Македонија, како и спротивна на членовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и чл. 6 ст. 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик, поради што очекуваме Уставниот суд истата да ја укине како неуставна и незаконита.
Спорноста на Одлуката произлегува од нејзината едностраност, односно истата е донесена без исполнување на законскиот услов – претходна согласност од Владата на Република Македонија. Спорната Одлука и покрај тоа се применува од страна на Општина Тетово и нејзините јавни претпријатија, иако државните органи не ја применуваат, поради што произлегува и потребата од постапка за нејзино укинување.
Исто така, покрај немањето согласност од Владата оспорената Одлука е спротивна на Законот бидејќи за одредени улици утврдила име користејќи странски јазик, а истото е испишано на кирилско писмо, иако и Уставот и Законот налагаат имињата на улиците да бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Оттаму, незаконски е улица да се вика „Конгреси и Манастирит“, или „Дешморет е комбит“, бидејќи истите се напишани на албански јазик, но на кирилско писмо. Правото на граѓаните кои се од малцинска заедница која е застапена со над 20% од населението името на улицата да биде испишано и на нејзиниот јазик е сосем друг тип на јазично право, но Законот е јасен и налага соодветна употреба на македонскиот јазик“, стои во известувањето.
Општина Тетово на нивната веб-страница и на социјалните мрежи го објави повикот за прибирање предлози за преименување на улици кои веќе имаат определено име и именување на новите улици. Јавниот повик ќе трае еден месец, од денеска до 10 март 2025 година.
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами неодамна на брифинг одговори на писмото од Сојузот на борци кои му испратија порака да не се менуваат имињата на улиците во Тетово, поврзани со народното антифашистичко минато. Касами истакна дека станувало збор за минат период и систем, а имињата на улиците ќе рефлектираат нов демократски концепт.
„Не можеме да бидеме заложници на одредено време. Македонија до 1990-тите беше под Југославија и имаше комунистички систем, монистички систем каде што имавме други херои кои ги почитувавме. Сега сме во демократска држава и сега имаме нов концепт со кој создаваме институции и ја градиме државата. Ова е демократски европски концепт и, се разбира, тоа ќе се одрази и на имињата на улиците во градот Тетово. Ова не е против ниту една етничка група во градот, туку е во интерес на сите етнички групи и треба да ја одрази реалноста, сегашноста и она што сакаме да го изградиме во иднина“, рече тогаш Касами.
Тој додаде дека некои имиња ќе останат, додека иницијативата е првично да се регистрираат улиците, а потоа да се именуваат. Формирана е Комисија која ќе го спроведе овој процес на именување на улиците, а граѓаните ќе можат да учествуваат со предлози. Според Касами, во оваа комисија членуваат претставници од сите советодавни групи и надворешни експерти.
Претходно, Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и членовите продолжувачи, со писмо реагираа до градоначалникот на Тетово во кое му нагласуваат дека е недозволиво да ги менува имињата на улиците во градот кои го носат споменот на партизаните и борците против фашизмот. Од тетовскиот Сојуз на борци бараат одлуката за преименување, спротивно на идејата на Касами, да се носи со Бадентереово мнозинство, односно со мнозинство гласови од советниците Македонци.