На почетокот на 2025 година, Валтери Ботас се врати во тимот на Мерцедес за да стане резервен возач на „сребрените стрели“, откако не успеа да обезбеди стартна позиција за претстојната сезона во Формула 1.
Финецот се тркаше за Мерцедес од 2017-2021 година, по што беше ослободен за да направи простор за Џорџ Расел. Ботас последните три сезони ги мина во тимот на Заубер, но на крајот на минатата година се раздели со швајцарците и се врати во Бракли, каде ќе биде резерва на Расел и Андреа Кими Антонели.
Во интервју за Sky Sports F1, Ботас го сподели своето мислење дека Мерцедес тешко би му застанал на патот доколку добие можност да се трка за друг тим оваа сезона, иако неговиот договор со „сребрените стрели“ е до крајот на годината. Финецот ги коментираше и гласините кои го поврзуваат со место во новиот тим на Кадилак, кој следната година ќе влезе во Формула 1.
„Знаеме, јас и тимот, мора да бидеме динамични. Секако, во моментов сум целосно посветен до крајот на годината, ќе дадам се од себе да му помогнам на тимот што е можно повеќе. Но, ако се укаже можност да се натпреварувам, мислам дека тимот нема да ми застане на патот, па ќе видиме. Ќе одиме трка по трка, прво нека почне сезоната, па потоа ќе видиме што носи годината, па и 2026 година. Сè уште не сум разговарал со Кадилак. Мислам дека тие се прилично зафатени со градењето на тимот, менаџментот и сите тие работи. Значи не, сè уште нема ништо. Се уште е малку рано за тоа“, изјави Ботас.