Собранието попладнево во рамки на 34. седница ја донесе Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и на неговиот заменик Агрон Сефери. Донесена беше и Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование Расим Зуфери.
Пред изгласувањето на одлуките претходеа куси расправи.
Талат Џафери и Блерим Беџети од ДУИ побараа да биде повлечена од дневен ред точката за разрешување на Глигоров и Сефери. Обвинија дека со ваквиот начин на разрешување власта потврдува дека врши партизација на администрацијата.
Собранието во рамки на попладневниот дел од седницата ја донесе и Одлуката за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
По разрешувањето на директорот и заменик директорот на Агенцијата за администрација претседателот на Собранието, Гаши ја прекина седницата и рече дека нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано.