На новинарот на Асошиејтед прес (АП) денеска втор ден по ред не му беше дозволен пристап до настаните во Белата куќа бидејќи Мексиканскиот Залив не го „прекрстил“ во Американски Залив. АП еден ден претходно објави дека на нејзиниот известувач му бил забранет пристапот до Овалната соба бидејќи агенцијата „не успеала да ги усогласи своите уредувачки стандарди со извршната наредба на претседателот“ за преименување на заливот.
На новинарот од медиум стар 180 години денеска уште еднаш му бил забранет пристапот до Овалната соба каде што положи заклетва новиот директор на Националното разузнавање, Тулси Габард. Запрашана за ваквите одлуки, портпаролката на Белата куќа Каролина Левит рече дека администрацијата на Трамп „не толерира медиумски лаги“.
„Го задржуваме правото да одлучиме кој ќе влезе во Овалната соба“, му одговори Левит на новинарот на Си-Ен-Ен, нарекувајќи го пристапот до претседателскиот кабинет „покана и привилегија, а не право“.
„Ако веруваме дека медиумите во оваа просторија шират лаги, го задржуваме правото да ги повикаме на одговорност“, предупреди портпаролката на Белата куќа. „Факт е дека водното тело во близина на брегот на Луизијана се нарекува Американски Залив. И не знам зошто медиумите не сакаат да го наречат така, но тоа е така“.
Таа нагласи дека Министерството за внатрешни работи на САД официјално го сменило името на заливот и дека тоа веќе го почитуваат Apple и Google, кои го промениле на нивните апликации за навигација.
Во изјавата во вторникот, извршната уредничка на АП, Џули Пејс ја нарече одлуката на Белата куќа „алармантна“.
„Ограничувањето на пристапот до Овалната соба врз основа на известувањето на АП не само што значително го ограничува пристапот на јавноста до независни вести, туку го прекршува и Првиот амандман“ кој ја гарантира слободата на говорот“, напиша таа.
Трамп, исто така, нареди преименување на највисокиот врв во Северна Америка, од Денали во Маунт Мекинли, со што ја смени промената направена од поранешниот претседател Барак Обама во 2015 година во чест на домородниот американски народ на Алјаска и името што го користат за планината.
АП минатиот месец објави дека извршната наредба на Трамп „важи само во САД“. „Како глобална новинска агенција која објавува ширум светот, АП мора да се погрижи географските имиња да ги препознаваат сите корисници“, додава Асошиејтед прес.
Но, АП тогаш рече дека ќе ја пишува Маунт Мекинли бидејќи тој врв се наоѓа „само во САД, а Трамп како претседател има овластување да ги менува географските имиња во земјата“.