Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање не го усвои предложениот амандман на Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, за измена на членот 3 на Предлог-законот за изменување и дополнување за Законот за поштенски услуги, кој денеска се стави на гласање пред пратениците.
„Доколку го усвоевме овој амандман, ќе направевме чекор напред во воведување на ред во работењето на институциите. Од 2023-та говориме за намалување на паушалите во управните и надзорните одбори на Агенциите и Комисиите. Милиони евра од граѓаните одат за паушали за членовите на управните и надзорните одбори, кои не се сметаат за редовно вработени, не одат секој ден на работното место и не извршуваат работни задачи, не се транспарентни во работењето и никој не ги познава, а од друга страна земаат релативно висок месечен паушал (некаде и до 4 просечни нето плати односно 168.000 денари) за одржување на еден до два состаноци месечно. Исто така сметаме дека месечниот надомест не ја отсликува вистинската економска ситуација во која живеат мнозинството на граѓани во државата“, посочува Зајкова.
„Овој предлог не е популистички, овде никој не тера политика. Се работи за издржан предлог и со ова интервенираме во одлевање на милионски суми државни пари за одбори каде што не се работи секој ден и ниту еден граѓанин нема увид во работата ниту одговараат пред некого“, додава претседателката претседателката на ЛДП.
Дополнително, Зајкова на денешната седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање побара и донесување на сосема нов генерален закон (Lex generalis), кој ќе ги уреди сите останати управни одбори во јавниот и државниот сектор, со кој нема да може месечните надоместоци/паушали да надминуваат повеќе од 1 минимална плата (која во моментот е 22.567 денари).