Претседателот на Движењето Беса и прв човек на општина Тетово, Биљал Касами вчера порача дека Македонија мора да биде дел од европското семејство.
„Би сакале да го отсликаме новото време, а тоа е европска Македонија“, рече Касами.
Запрашан за почитувањето на државниот грб и евентуална негова промена, Касами рече дека е подготвен да разговара за поширок пакет.
„Ние би сакале да разговараме за пакет кој, се разбира, ќе го разгледа грбот, прашањето за химната, но и прашањето за другите уставни измени поврзани со унапредувањето на правата на Албанците или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во Уставот како јазик на 20 проценти“, додаде Касами.
Претходно вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче рече дека неговата партија жестоко ќе се спротивстави на менувањето на грбот кој според СДСМ го носи континуитетот на НОБ и антифашизмот.
Премиерот Христијан Мицкоски, информирајќи дека во владејачката коалиција го отвориле прашањето за промена на државниот грб, рече дека ние сме една од двете постсоцијалистички држави што сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации.