Шекеринска: Издвојувањата во одбрана е со цел да избегнеме војна

од Nikola Popovski
299 прегледи

Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска синоќа го коментираше вложувањето во одбраната и издвојувањето на очекуватени проценти од БДП. Според неа, издвојувањето во одбрана е со цел да избегнеме војна. Го посочи примерот со Украина, за која вели дека сега трошоците за одбрана им се околу 20% од нивниот БДП.

-Подобро е да инвестирате со време за да го избегнете военото сценарио. И, јасно станува дека и во Европа и во целава оваа евроатланска регија мораме да се подготвиме на свет кој ќе биде карактеризиран со поголема нестабилност, рече Шекеринска во интервју за „360 степени“, емитувано на МРТ.

Запрашана како е прифатена во најголемата воена алијанса, а доаѓа од една од последните земји кои се приклучиле на НАТО, поранешната македонска министерка вели:

-Tоа покажува дека не треба да стартувате, и ние како држава и ние како поединци, со комплексот дека доаѓате да, од мала држава, која може помалку да придонесе од останатите. Меѓутоа, може да имаме знаење, искуство, вредност којашто Алијансата ќе ја цени. Така што, тој мој бекграунд јас не го гледам како хендикеп. Некогаш, во кандидатурите може да биде хендикеп. Но, го гледам како предност заради тоа што, од друга страна, како држава која била во тешки ситуации и сериозни кризи поврзани со безбедност, ние точно знаеме која е цената на безбедноста, рече меѓу другото Шекеринска.

Европските земји ги зголемија буџетите за одбрана по сеопфатната инвазија на Русија на Украинаво 2022 година. Многу лидери рекоа дека зголемените трошоци мора да продолжат како одговор на растечката воена закана од Москва. Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната имаше предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на 19 ноември 2024 година ја назначи Шекеринска за следен заменик генерален секретар, нагласувајќи дека таа вистински верува во Алијансата.

Шекеринска претходно беше вицепремиер за европски интеграции и министер за одбрана, вклучително и во периодот на претпристапувањето и пристапувањето на земјава во НАТО алијансата во 2020 година.

Слични содржини